| четврток, 6 декември 2018 |

Хан во вторник во Скопје

хан

Комесарот за преговори за проширување и европска соседска политика, Јоханес Хан, во вторник ќе ја посети Република Македонија во, се чини, неговиот последен обид да издејствува договор меѓу политичките лидери во земјата со цел ставање крај на политичката криза.
Ова денеска на дописникот на МИА од Брисел неофицијално му го потврдија од Европската комисија, но за официјална потврда, портпаролката Маја Коцијанчич кажа дека наскоро ќе објави.
Ова е потврда на информацијата што вчера ја објави МИА дека вторник (14-ти јули) е денот кога првиот човек за проширување на Европската унија ќе ја посети Македонија.
Со оваа потврда, веќе е сигурно дека еврокомесарот нема да дејствува заедно со заменик-државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, која во официјална посета на Македонија ќе дојде в понеделник (13-ти јули). Ден потоа, Хан е планирано да има најпрво издвоени, а потоа и заеднички средби со четворицата политички лидери: Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети, со цел да издејствува конечен договор за ставање крај на политичката криза, а врз основа на договорената рамка од 2-ри јуни што предвидува одржување на предвремени парламентарни избори во април идната година.
Инаку, за целта на Хан при оваа посета на Македонија, неговата портпаролка Коцијанчич во текот на вчерашниот ден ја посочи критичната точка во која се доведени преговорите меѓу политичките лидери, откако лидерот на СДСМ, Заев, објави прекин на истите и непридржување до договорот од 2-ри јуни.
– Разговорите меѓу политичките лидери се во еден критичен момент. ЕУ очекува сите од нив да се однесуваат одговорно и конструктивно и да работат итно и со добра волја за решавање на едно отворено прашање. Со оглед на големите предизвици со кои се соочува земјата, нема време за губење. Потсетуваме дека четворицата лидери потпишаа договор на 2-ри јуни и истиот го потврдија на 19-ти јуни. Овој договор е основа за конечниот компромис. Тие мора да ги спроведат обврските што тие ги превземаа. Интересот на земјата мора да е во прв план – истакна портпаролката Коцијанчич при вчерашната најава за идната посета на комесарот Хан на Македонија.
Во име на Европската унија, Коцијанчич во најавата за доаѓањето на Хан во Скопје, што ќе се случи во вторник идната недела, вчера исто така порача дека „компромисот е суштински елемент во една демократија” и дека политичката енергија треба да се фокусира не на партиските политички прашања, туку на реформите како што е наведено во препораките на Комисијата”.
Сето ова значи дека по првичниот притисок врз македонските политички лидери за постигнување договор за ставање крај на политичката криза во земјата што ќе го направи Нуланд в понеделник, еврокомесарот Хан во вторник ќе има цел ден за преговори за да издејствува конечен договор што ќе овозможи продолжување на евроинтегративниот пат на Македонија кон Европската унија и седма последователна препорака за отворање на пристапните преговори со ЕУ од страна на Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top