Доктор Бојан Игнатовски е специјалист по пластична, реконструктивна и естетска хирургија, кој во последните 23 години работи и живее во Хрватска, каде што ја отворил првата приватна болница за естетска хирургија во таа земја. Сѐ почнало во 1992 година во Дарувар кога д-р Игнатовски ја отворил првата ординација за естетска хирургија во Хрватска. Пет години подоцна ординацијата станала поликлиника, од 2006 година дневна болница, а од минатата година е здравствен центар. На поликлиниката „Аркадија“ основна дејност ѝ е пластична и естетска хирургија, но има и развиена рендгенологија и гинеколошка и кардиолошка ординација, како и лабораторија. Доктор Игнатовски еднаш неделно оперира во Загреб, често работи и во Словенија, а кога доаѓа приватно во Македонија има по неколку прегледи и консултации. Во Дарувар често има пациенти од Македонија. Се надева дека во иднина неговото знаење и практика ќе ги искористат и македонските пациенти и ќе се создаде посериозна соработка.
Д-р Игнатовски, потекнувате од Злетово, Медицински факултет завршивте во Скопје, но целата професионална кариера ја изградивте во Хрватска. Вие сте синоним за пластична хирургија во Хрватска. Како ја развивавте Вашата кариера?
ИГНАТОВСКИ: Мина времето кога државата го поттикнуваше развојот на докторите, ги праќаше на усовршување и отвораше врати. Квалитетот на докторите зависи само од љубопитноста и од развојот на самиот поединец. Знаењето мора да се краде, да се купува и неопходно е да се патува. Таков беше мојот пристап кон работата и кога почнував, а таков е и денес. Откога магистрирав пластична, реконструктивна и естетска хирургија на Медицинскиот факултет во Загреб, во 1989 година престојував и работев во Марсеј, Франција. Истата година го пријавив и докторатот, кој поради почетокот на војната во Југославија, за жал, никогаш не го завршив. Но, не пропуштам студиски патувања и конгреси во Европа и во САД кои ја развиваат пластичната хирургија. Медицината што се применува на нашата клиника е во тесна врска со светските трендови затоа што таа е условена од технолошкиот развој. Замислете какви операции сум работел пред 20-30 години, а какви денес.
Дали реконструктивната и пластичната хирургија уште се сметаат за привилегија на богатите?
ИГНАТОВСКИ: Реконструктивната и пластичната хирургија се потреба на современиот човек. Тоа е медицинска гранка која се занимава со реконструкција на делови на човечкото тело враќајќи им ја можноста за функционалност и нормален изглед. Самата естетска хирургија е синоним за пластичната хирургија која, покрај естетската, во себе има поддисциплини, како што се реконструктивна, хирургија на дланка, микрохирургија, хирургија на вродени аномалии, хирургија на лекување на изгореници и друго. Тој спектар на оперативни техники го создава и широкиот круг на пациенти, независно од нивниот општествен статус, кои од различни причини имаат потреба да се изложат на интервенции.
Колку се согласувате со тврдењето дека естетската хирургија е најдобра кога не се забележува?
ИГНАТОВСКИ: Апсолутно се согласувам затоа што постојат некои етички правила што не треба да бидат прекршени. Често знам да кажам дека ако пациентот има право да избере доктор, тогаш и докторот има право да избере пациент. Не сите барања на пациентите треба да им бидат исполнети. Во мојата кариера сум имал различни искуства, па и такви кога пациентите се враќале во мојата клиника затоа што сум останувал доследен на првичниот став.
Дали корекцијата на градите кај жените уште е најбарана интервенција? А што сакаат мажите најмногу да коригираат на своето тело?
ИГНАТОВСКИ: Во мојата досегашна приватна практика, жените остануваат доследни на обликувањето на дојките, на второ место е липосукцијата, а на трето доаѓа корекцијата на носот. Иако жените ја прославија пластичната хирургија, и мажите сѐ почесто се изложуваат на естетски интервенции. Покрај гинекомастија (појавување на женските гради кај мажите, оперативен зафат за да се отстрани женското ткиво и маст од телото), тие ги користат истите интервенции како и жените, фејслифтинг, корекција на очните капаци, липосукција, корекции на нос и слично.
Што треба да знае еден пациент кога сака да направи естетска корекција?
ИГНАТОВСКИ: Пациентите секогаш треба да се информираат добро пред да се решат на каков било оперативен зафат. Центата не треба да биде одлучувачки фактор при изборот на докторот. Значајно е да се советуваат со неколку хирурзи и да го одберат тој во кого стекнале најголема доверба. Но, треба да спомнам дека тие зафати ниту ги решаваат домашните проблеми ниту, пак, овозможуваат влез во елитно друштво, а најмалку се референција плус за вработување. Затоа треба реално да се погледнат причините за естетските корекции и очекувањата зошто се прават.
„Мала интервенција е онаа која се извршува на друг“, е докторска досетка. Но, кои се најкомпликуваните оперативни зафати? Која е најспецифичната операција што сте ја извршиле на Вашата поликлиника „Аркадија“, која е прва приватна клиника отворена во Хрватска?
ИГНАТОВСКИ: И навистина е така, кај таканаречените мали хируршки интервенции доаѓаат и најголемите хируршки компликации. Со многу љубов, мотивираност и ентузијазам ја работам својата професија. На мојот професионален пат тежнеам хирургијата да ја доживувам како уметност, што таа во суштина е. Инаку, најсложени операции се тие кога се користи микрохирургијата за враќање на функцијата на екстремитетот или во поново време враќање на дел од телото, шиењето тетиви и нерви. Во оваа категорија спаѓаат и оперативните зафати како реконструкции на гради и на лузни од изгореници.
Соработувате ли со колегите од Македонија?
ИГНАТОВСКИ: Пред неколку години имав соработка со Клиниката за пластична хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, но таа не продолжи. Можам да се пофалам дека во нашата клиника во Дарувар често доаѓаат пациенти од Македонија. Инаку, кога приватно доаѓам во Македонија, се случува да имам и по неколку прегледи и консултации, па да ставам и ботокс и филери. Се надевам дека во иднина моето знаење и практика ќе ги искористат и нашите пациенти и ќе создадеме посериозна соработка.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.