„Музеите на Битола” е насловот на документарниот филм што вечерва ќе биде промовиран во рамки на „Битфест“ во Битола.
Филмот е фокусиран на музејското богатство на Битола, при што низ исказите на историчари, етнолози, археолози и туристички водичи, гледачот има можност да се запознае со сите музејски поставки во Битола и нејзината околина.
Низ една динамична приказна филмот „Музеите на Битола“ ја доловува сликата за Битола како град-музеј под отворено небо, презентирајќи ги сите музејски поставки во градот, односно Завод-Музеј, Спомен-собата на Мусфата Кемал Ататурк, Спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов, Музејот на албанската азбука, Музејот посветен на Евреите, Музејот Вагнер Лала, Хераклеја Линкестис, како и Авто и етномузејот во битолското село Крклино.
Но, покрај класичните музејски поставки, филмот ги третира и некласичните бидејќи многу локации во Битола кријат древна и богата историја и претставуваат своевидни музеи под отворено небо, како што е случајот со една од најпознатите амбиентални улици на Балканот, битолски Широк сокак, но и Старата битолска чаршија.
Документарниот филм „Музеите на Битола“ е во режија на Анета Шијакова, а по сценарио на Каролина Николоска.
Филмот е продуциран во соработка со Завод Музеј – Битола, Музејот на албанската азбука во Битола и Авто и етномузејот Филип.
Промоцијата ќе се одржи вечерва (8 јули) во 22 часот во културниот центар „Магаза“ во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.