| четврток, 6 декември 2018 |

УНИЦЕФ предупредува на смрт кај децата поради сушата во Северна Кореја

уни

Потребни се итни мерки за ублажување на последиците од сушата во Северна Кореја за да се спречи смртта кај децата кои веќе и онака се ослабнати од широко распространетата недохранетост во таа земја, денеска предупреди УНИЦЕФ.

– Ситуацијата е ургентна. Но ако делуваме сега така што ќе им ја обезбедиме неопходната експертиза и распределба на храна, ќе можеме да ги спасиме животите на луѓето – изјави регионалниот директор на УНИЦЕФ за источна Азија, Даниел Тул, пренесе Танјуг.

-Доколкку ја одложиме помошта додека не биде извесно дека жетвата во Северна Кореја е пропадната, можеби ќе биде предоцна за да се спасат животите на најранливите деца – предупреди тој.

Во Северна Кореја, како што минатиот месец опишаа тамошните државни медиуми, „владее најлошата суша во последните 100 години“, која најмногу ги погоди токму подрачјата на кои се одгледува ориз.

УНИЦЕФ соопшти дека нивните работници неодамна се состанале со локалните претставници од здравствениот сектор во подрачјата погодени од сушата, кои им потврдиле дека е забележен значаен раст на случаите на диареја кај децата.

– Недостигот на врнежи негативно влијае врз достапот до чиста вода и врз хигиената воопшто, со што во опасност се доведува животот на децата – рече Тул.

Истражувањето од 2012 година покажа дека една четвртина од децата во Северна Кореја имаат симптоми на хронична недохранетост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top