Територијални спорови, меѓунационални судири, парламенти кои не функционираат и сиромаштија – државите од Балканот и онака имаат многу проблеми. Сега сите со загриженост гледаат на можен банкрот на Грција, пишуваат германските медиуми.
Грчките банки играат значајна улога во регионот. Во Србија тие сочинуваат 15 проценти од банкарскиот сектор, во Романија 18, во Македонија 20, во Бугарија 30, а во Албанија дури 32 проценти. Весникот wirtschaftswoche пренесува дека поради тоа постои загриженост дури и во Берлин.
“Во Берлин постои сè поголема загриженост дека целиот Балкан би можел да стане уште понестабилен поради Грција. Сè уште постои спорот меѓу Атина и Скопје поради името на Македонија, околу што во двете држави трае и жестока внатрешнополитичка расправа. Разузнавачките служби истовремено предупредуваат дека радикалната милиција на Исламската држава, во текот на минатите месеци масовно се обидува да се етаблира во државите со муслиманско население, како Босна и Херцеговина, Македонија или Албанија. Колапс во соседна Грција, ќе поттикне нестабилност во целиот регион”, пишува wirtschaftswoche .
Порталот web.de објавил опширна статија за влијанието на кризата во Грција на државите од Балканот. “Без паника, се е под контрола”, тврдат политичарите во регионот. Сепак причина за загриженост има, пренесува овој портал.
“Централните банки во овие држави преземале посебни мерки на надзор над филијалите на грчките банки. Во Србија тие смеат да префрлат само мали износи на капитал во своите концерни, пренесуваат српските медиуми. Меѓутоа, регионалните банки лесно би можеле да се најдат во проблеми. “Проблеми би можеле да настанат доколку луѓето почнат да ги земаат своите штедни влогови”, предупредува премиерот на Бугарија, Бојко Борисов. За тоа да се спречи, директорот на “Pireus” банка во Србија, Неоклис Неоклеус, наведува дека таа во Србија функционира како независен правен субјект и дека е регистрирана како домашна банка со странски капитал. Грчките инвестиции во Србија изнесуваат околу 2 милијарди евра. Грчките компании вработуваат околу 25.000 работници. Во Македонија цела рафинерија е во рацете на грчки сопственици. Во Албанија грчките компании се најголеми инвеститори”.
Поради тоа, многу граѓани, политичари и медиуми на Балканот со внимание ги следат преговорите на Грција со кредиторите. Притоа симпатиите им се на страната на Атина, пренесува Web.de.
Европа на југо-скара
Зарем обединета Европа не е нешто повеќе од зона на заедничка валута и Шенгенска зона? Ова прашање го поставува Die Welt, коментирајќи го есејот “Yuropa” на Тања Петровиќ.
“Токму на просторите на поранешна Југославија може да се научат многу работи за Европа, но на различен начин од тоа што е вообичаено во Брисел. Еден мал есеј така ја стави Европа на балканската скара. Тања Петровиќ е родена во 1984. година во Јагодина, а денес живее во Љубљана и се занимава со истражување на култури. Таа покажува дека има смисла да се размислува за Европа на основа на Југословенското искуство, преку очите на “Yuropa”. Државите кои настанале на подрачјето на поранешна Југославија, на јасен начин покажуваат што ѝ се заканува на ЕУ, доколку се формира само од економски причини, бидејќи тогаш владеат “квази-колонијални” односи: во тој случај исчезнува солидарноста, се јавуваат темни желби за одвојување од една и за “софт-социјализам” од друга страна. Се јавува конфликт како овој меѓу Брисел и Атина”.
Југославија и самата имала разлики со кои не знаела да излезе на крај, токму како и еврозоната денес. Словенија била цел на миграција од работниците од југот, а на југот на Југославија се тврдело дека Словенија само ги искористува суровините и работната сила, за да може на “нас на југ” да ни ги продава своите скапи производи.
Петровиќ покажува дека реториката на ЕУ е празна кога зборува за “европска перспектива” за Балканот. Фразите за “европско семејство” се деградираат со изјавите за “проблематичните деца кои не ја завршиле својата работа” и кои мораат да се “стават под контрола, да се воспитаат и да се образуваат”. За Тања Петровиќ тоа не е само “квази-колонијален” пристап. ЕУ цело време зборува за “грижа за регионот”, но во реалноста се однесува хегемонијално. “Бидејќи Петровиќ добро ја познава Југославија, во која пропаднал социјализмот и идејата за мултиетничка држава, тогаш сигурно е алармантно кога таа на овој начин повлекува паралела со состојбата во ЕУ”, пишува Die Welt.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Со Дарко Панчев во стартниот состав: Пред точно 26 години, Југославија се прости од фудбалската сцена
-
Тајни белешки на ФБИ ја обелоденија вистината за Тито – конечно откриено кој ја водел Југославија
-
„Трст, Југославија“: Снимен докуметарец за златното доба на шопинг-меката во 60-те и 70-те години
-
Генерал на НАТО: Бомбардирањето на Југославија слично на нападот врз Нагасаки