| четврток, 6 декември 2018 |

Еврозоната се движи кон растурање: Со излезот на Грција почнува кошмарот

Најновата вест од грчката должничката криза не е одлуката на Атина да одржи референдум за усвојување или одбивање на понудата на доверителите за продолжено финансирање на земјата, туку откажувањето на Грција од програмата за финансиска помош, чиј ток истече во вторникoт на 30-ти јуни, објави „Макфакс“.

Од среда Грција ја загуби и меѓународната финансиска помош, но и достапот до меѓународните финансиски пазари на капитал. Меѓутоа, за многу аналитичари програмата за финансиска помош коишто на Грција ѝ ја нудат Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд изгледа како економска интерпретација на пеколот на Данте, а откажувањето од неа е единственото вистинско решение за Атина и почетокот на кошмарот за остатокот од еврозоната. Грчките доверители, имено, предложија петмесечно продолжување на сегашната програма за надворешна финансиска помош до крајот на ноември, во комбинација со финансиската инјекција од 15,5 милијарди евра. За возврат, од Грција бараат да прифати и спроведе реформи за постигнување буџетски заштеди, во прв ред во пензискиот и даночниот систем.

Прашањето за односот кон Грција, ризикувајќи да го спречи првиот во еврозоната банкрот, уште останува нерешено за меѓународните кредитори – Атина и нејзините кредитори не успеаја по пет месеци да постигнат договор за програмата за реформи во замена за продолжување на помошта. Грција инаку, до 30-ти јуни требаше да му исплати на ММФ 1,6 милијарди евра за четирите рати од месецов кои Фондот ги дозволи да ги спои во една, а во јули и август доспеваат за наплата уште 6,7 милијарди евра по долгот кон ЕЦБ, пари што Атина ги нема.

Според аналитичарите, отфрлањето на програмата за помош, е единственото вистинско и рационално решени за грчката влада, бидејќи и доколку биде донесен планот за продолжување на помошта и рецесијата во Грција би продолжила уште неколку години. „Грчкото излегување од еврозоната ќе има повеќе негативни последици на кус рок. Сепак, Атина притоа ги сочувува перспективите да се рехабилитира. Програмата за финансиска помош имено води кон целосно уривање на грчката економија“, смета аналитичарот на Фајнаншел тајмс, Волфган Мјунахау.

Во услови да не се постигне договор со доверителите, и самиот грчки референдум ја губи смислата, дури и Грците да се согласат со она што нивниот премиер Алексис Ципрас го нарече ултиматум, програмата не може да се врати. Покрај тоа, земјите доверители не го имаат неопходното политичко мнозинство, за да предложат нова програма за помош на Грција. Германија, според мислењата на експертите, не може да преземе каква и да е акција без ММФ. Многумина претпоставуваат дека ЕЦБ ќе го намали износот на финансирањето на грчките банки во рамките на ткн програма за осигурување итна ликвидност (Emergency Liquidity Assistance, ELA) и ќе наметне контрола над паричните текови. Тогаш веројатно ќе биде емитирана паралелна валута што на Атина ќе ѝ овозможи да ги исплати платите и пензиите, додека ЕУ и ЕЦБ не најдат начин да се справат со урнисаниот грчки банкарски систем.

Мјунхау смета дека референдумот би можел да ги спречи овие процеси, доколку биде спроведен по истекот на рокот за програмата за помош. Одлуката на Атина само ја зголемува можноста за излегување од еврозоната. Одржувањето на референдумот ќе претставува консултирање со јавноста во врска со веќе непостоечкиот предлог за програмата, којшто истече, и ја претвора грчката драма во фарса.

Сега само останува прашањето кога ЕЦБ „ќе го притисне чкрапалото“, бидејќи најверојатно европските финансиски власти веќе имаат план за „внатрешен банкрот во еврозоната“. Во моментов, според оцените на стручњаците, се чини дека еврозоната се движи кон растурање, и тоа ќе е најлошиот исход од кризата. Меѓутоа, кошмарот за другите членки на европската монетарна унија допрва почнува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top