Македонската влада уште не се беше доискажала дека иднината на земјата во проектот „Турски тек“ зависи од одлуката на Брисел, Словачка испрати понуда до Москва да биде дел од гасовод што би ја снабдувал со гас централна, источна и југоисточна Европа. Одеднаш паднаа во вода сите принципи, правила и ригидни ставови за опасноста од монополска улога на рускиот гас во Европа и опасноста од доминација на Путин на меѓународните енергетски пазари. Не издржа ни Бугарија која, поради притисок од Западот, во последните шест години мораше да се откаже од нуклеарната централа „Белене“, која требаше да се гради со руска технологија и со руски пари, од нафтоводот „Бургас Александрополис“, кој требаше да носи руска нафта до Грција преку Бугарија, и од гасоводот „Јужен тек“. И Бојко Борисов, откако сфати дека Германија прва ќе ги отфрли американските барања да не станува зависна од руска енергија, се вклучи во трка по евтиниот руски гас. И, конечно, со одлуката на Русија и на три западни компании (британска, германска и холандска) да градат две нови гасни линии, кои треба да ја стабилизираат германската потреба од енергенти, паднаа во вода сите маски. Проблемот на Македонија не бил во тоа што со учество во „Турски тек“ ќе ги нарушела европското законодавство и монополските правила на Европската енергетска заедница, туку во тоа што ќе им чепнела од парите на кои право полагаат големите и моќни држави. Се разбира, никој никогаш нема да признае дека проблемот со Македонија и со Србија во истиот контекст е тоа што тие не смеат да станат активни играчи кои можат да влијаат врз поважни процеси на европско тло.
Двете земји, кои се подготвени да бидат дел од ЕУ во скоро време, не смеат да заработуваат стотици милиони евра годишно од транзит на рускиот гас затоа што тоа задоволство им е гарантирано само на членките на ЕУ. Досега не слушнавме дека реагираше Европската комисија или Европската енергетска зедница за понудите на Словачка и на Бугарија, а никој не се осмели да праша како Германија успеа да договори две нови гасни линии од Русија. И тоа само неколку дена откако за шест месеци беа продолжени економските санкции кон Русија. Замислете во ера на најголем анимозитет меѓу Москва и ЕУ кога, под притисок на САД, најбогатите членки на ЕУ се согласија на санкции за Путин, најсилната европска економија потпишува стратегиски договор за увоз на руски гас. Тоа што 2,5 милиона работни места во земјите на ЕУ се директно загрозени од санкциите кон Русија и тоа што стотици големи западни фирми трпат огромни загуби е неважно. Важно е дека тие што можат се обезбедија со енергенти за наредните 50 години. Малите и неважни земји како Македонија можат да се сликаат и да чекаат милост од Брисел. Не чувме ниту дека специјален американски емисар отиде во Братислава, Софија и во Берлин за да ги моли тамошните влади да не бидат тројански коњ како што пред кумановската криза прочитавме изјава на грчки министер кој рече дека го одбил барањето на Вашингтон да го прекине проектот „Турски тек“. На крајот на оваа епизода не е исклучено некој претставник на ЕУ еден ден да излезе и да каже дека никогаш немало никакви закани за Македонија, Србија и за Грција и дека сите влади своите стратегиски одлуки ги донесувале според интересот на граѓаните. Со други зборови, ќе ни кажат дека сами сме си виновни што сме оставиле некој чиновник во Брисел или во Вашингтон да одлучува за тоа дали нашите деца по 30 години ќе имаат доволно гас за да ја минат зимата на температура поголема од минус 22 степени според Целзиус. Слично и со кумановската криза, не е далеку денот кога некој гостин или медијатор среде Скопје ќе ни кажува приказни како информациите за поврзаноста на упадот на косовските терористи во Куманово, каде што треба да се протега гасоводот кој преку Црно Море, Турција, Грција, Македонија и Србија треба да влезе во ЕУ, биле само нечија фантазија, а не и реална политика. Дури и да е точно дека „Турски тек“ е само мамка на Русија и дека Москва нема пари да го гради, дури и да е тоа само геостратегиска игра меѓу Обама и Путин, Македонија мора до крај да се бори за учество во проектот. Потпишувањето на договорот меѓу „Газпром“ и турската влада и потписот на руските и на грчките претставници за финансирање на проектот ѝ дава обврска на Македонија да направи сѐ што може за да стане дел од него.
ЕУ да објасни како ќе реши за „Турски тек“
Ставот на Владата на Република Македонија дека од Европската унија зависи дали Македонија ќе биде дел од „Турски тек“ е само една епизода во целата смрдлива атмосфера на невидливи притисоци и закани поврзани со правото на земјата да има евтин гас. Но, таа не смее да биде последна. Владата мора интензивно да бара објаснувања од своите стратегиски партнери дали Словачка, Бугарија и Германија имаат право да предлагаат и спроведуваат проекти со руски компании. Ако имаат такво право, зошто го немаме и ние истото право, а ако немаат, тоа да биде кажано јасно. Притоа, мора да се праша дали и за нив ќе одлучува Брисел или, во најмала рака, дали Брисел се согласил Германија да донесе два нови гасовода од Русија. Се разбира, Македонија е мала и ранлива земја која мора да игра како што ќе ѝ кажат големите и моќни, но некои работи не можат да се премолчат. Во името на иднината на нашите деца, и ние и тие мора да знаеме зошто не сме им обезбедиле подобар и поевтин живот.
И албанските лидери да работат во интерес на своите деца
Покрај тајните пораки и закани за македонската влада да не „шурува“ со Русија, постои уште еден важен фактор зошто Македонија се плаши да влезе во гасен бизнис со Русија. Се работи за Албанците, кои и на меѓународно ниво се сметаат за извршители на одредени западни држави кои својата благодарност за независноста на Косово ќе ја покажат на начин кој ќе биде соодветен. Се разбира, од Еди Рама, Хашим Тачи и од другите албански и косовски политичари не можеме да очекуваме дека ќе го сменат ставот ако треба да се бојкотира некој проект со Русија, но затоа на такво нешто треба да се работи со лидерите на македонските Албанци, кои заедно со своите сонародници ќе бидат директни корисници на придобивките од „Турски тек“. Според некои неофицијални процени, Македонија може да добива меѓу 150 и 250 милиони евра секоја година од транзитот на рускиот гас кон другите корисници на проектот. Покрај тие огромни средства, не треба да се занемари и фактот што цената на струјата во земјава ќе се намали до 30 проценти. Парите што Македонија ќе ги добие (покрај неколку илјади нови вработувања) преку проектот ќе им бидат на располагање и на албанските граѓани, кои ќе се греат поевтино, и на албанскиот бизнис, кој ќе троши помалку за енергија. Преку парите, кои може да бидат и повеќе од 10 проценти од македонскиот буџет, сите граѓани ќе почувствуваат придобивка. Затоа, колку за овој проект треба да се бори ВМРО-ДПМНЕ толку активност, особено во убедување на своите сонародници во Косово и во Албанија, треба да покажат и ДУИ и ДПА. И не само заради македонските Албанци, туку и заради косовските и тие во Албанија. Локалните гасни линии на кои може да се поврзат Приштина и Тирана преку Македонија или преку Грција е причина повеќе зошто албанските лидери треба да ги потиснат емоциите и да се свртат кон профитот, кој може да го зближи целиот регион.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 147. број на неделникот „Република“, 26.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.