| четврток, 6 декември 2018 |

Грчката криза засега не се шири во другите земји од еврозоната

криза

Сѐ подлабоката криза во Грција станува „многу опасна“, но засега нема показатели дека таа може да се прошири и во другите периферни земји на еврозоната, оцени денеска вториот човек на Банката на Англија, Џoн Канлиф.

– Во моментов нема такви сигнали. Финансиските пазари не покажуваат дека кризата предизвикана од грчката презадолженост се шири и во други земји од периферијата – изјави Канлиф во интервју за „Би-Би-Си“.

Под терминот „периферни држави“ на еврозоната се подразбираат земјите од Јужна Европа, кои се соочуваат со поголеми економски проблеми – Шпанија, Италија и Португалија.

Канлиф изразува надеж дека Атина и нејзините кредитори ќе успеат да ги возобноват преговорите за грчкиот долг по референдумот на 5 јули, на кои би се нашле начини за да се избегне излегување на Грција од евроозната.

– Длабоко се надевам дека тоа ќе се случи. Според мене, грчката влада и грчкиот народ јасно покажаа дека сакаат да останат во евроозната – нагласи Канлиф, додавајќи дека таков став изразуваат и партнерите на Грција.

Британскиот министер за финансии, Џорџ Озбор, веќе најави дека Владата во Лондон е подготвена да преземе сѐ што ќе биде потребно за да ја заштити економијата на Велика Британија во овој неизвесен период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top