| четврток, 6 декември 2018 |

Вонреден состанок на еврогрупата за новиот предлог на Грција

зона

Претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум најави дека вечерва ќе се одржи вонреден состанок на министрите за финансии од еврозоната, јави дописникот на МИА од Атина.

За време на телеконференцијата, која ќе се одржи во 19 часот по македонско време, ќе се дискутира за новиот предлог кој Атина попладнево го достави до кредиторите.

Грција денеска предложи двегодишен договор со Европскиот механизам за стабилност за целосно покривање на своите финансиски потреби и со паралелно реструктуирање на долгот, соопшти грчката Влада.

– Грција останува на преговарачка маса, се наведува во соопштението во кое се додава дека Атина бара „применливо решение за останување во еврозоната“.

Предлогот е во форма на писмо, упатено до претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум и кон Клаус Реглинг, шеф на Европскиот механизам за стабилност.

Пораката на грчката Влада за новиот предлог доаѓа неколку часа пред истекот на крајниот рок за отплата на рата од долгот на Грција кон Меѓународниот монетарен фонд и завршувањето на европската програма од спасувачкиот план за Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top