| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК очекува разговорите во Македонија да продолжат и да се усвојат итните мерки за реформи

Европската комисија (ЕК) денеска го поздрави продолжувањето на дискусиите меѓу лидерите на најголемите политички партии во Македонија и посочи дека е важно спроведувањето и адресирањето на листата итни реформи што неформалната влада на Европската унија ги побара минатата недела од македонската држава.

Evropska-komisija

 

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, го потврди ставот на официјален Брисел дека има надеж од продолжувањето на дијалогот за ставање крај на политичката криза во Македонија и оти итните реформи што ги побара ЕК е најважно да се решаваат.

– Она што можам да го кажам е дека го поздравуваме продолжувањето на дискусиите на лидерите на политичките партии во Македонија, вклучително и имплементацијата на препораките што ЕК ги претстави и се однесуваат на договорот од 2­ јуни. Ние очекуваме конкретни резултати од овие разговори во блиска иднина. Знаете дека комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, изрази подготвеност да посредува и тоа останува случај, а и разговорите се случија во присуство на амбасадорот на ЕУ – истакна Коцијанчич.

Портпаролката на ЕК исто така потенцираше дека во оваа фаза од политичките дискусии во Македонија, нема потврдена можна посета на комесарот Хан на земјата. Таа, исто така, истакна дека во процесот на посредување за политичката криза во Македонија, важна улога имаат и членови на Европскиот парламент што доаѓаат од различни политички групи и дека сето тоа е во поддршка на фактот дека е потребен договор во Македонија меѓу лидерите на четирите главни политички партии. ­

– Тоа е договор што треба да се постигне на ниво на политички лидери во земјата, а ЕУ ја постави својата позиција многу јасно – додаде Коцијанчич.

Запрашана дали ЕК има нешто да каже за тоа дека политичкиот конфликт во Македонија е издигнат и на европско ниво со конфилкт меѓу партиите на европските социјалисти и демократи и Европската народна партија (ЕПП), портпаролката на Комисијата негираше дека официјален Брисел одмага во процесот на политички дијалог во Македонија, објаснувајќи: ­ Ако се обидам да генерализирам, мислам дека ЕУ ја постави својата позиција многу јасно, не само комесарот, туку и министрите за надворешни работи кои дискутираа за ситуацијата, а тие доаѓаат од различни политички позадини. Тоа е прашање што треба да го гледате од поширока перспектива. Земјата има јасна европска перспектива, има работи што треба да се направат како проиритети. Се одвива политичка криза што треба да се реши, пораки доаѓаат од различни страни за ова и важно е работата тука да продолжи – потенцираше портпаролката Коцијанчич.

Со оваа порака на официјален Брисел, според дописникот на МИА од Брисел, јасно е дека фокусот на Европската унија е сега на справување на македонската држава и пред се на Владата со итните мерки за реформи што ги предложи комесарот Хан и експертската комисија на ЕК, а кои се однесуваат на македонското судство, изборните реформи и медиумски слободи. Ваквото пренасочување на фокусот на ЕУ е поради последното уривање на лидерот на СДСМ, Зоран Заев на договорот што на почетокот на овој месец беше на дофат во Брисел, кога со посредство на Хан, но и други европски медијатори по осум часа преговори се очекуваше четворицата политички лидери Никола Груевски, Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети да постигнат договор за ставање крја на политичката криза во земјата што ја создаде токму СДСМ, а договорот го оневозможи претседателот на оваа партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top