Ансамблот „Македонија“ вечерва ќе одржи концерт „Прозорец кон традицијата“ во рамки на „Скопско лето 2015“. Концертот е планиран во „Сули-ан“, а во случај на дожд ќе се премести во Музејот на македонската борба.
На програмата се ора и песни од Охрид, вокално-инструментални изведби од Скопје, инструментални изведби на чалгиски инструменти од Велес, како и изведби од пределите Малешевија, Караџова-Меглен, Жеглигово и Овче Поле.
Ансамблот „Македонија“ претставува репрезент на македонската традиционална култура. Активно твори со најдобрите студенти од одделот за етнокореологија при Факултетот за музичка уметност од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од насоката за традиционална музика и игра-Скопје.
– Во летниов период активностите се одлични, следуваат две концертни турнеи во јули со натпреварувачки карактер, како учество на меѓународен фестивал во Бурса – Турција, како и десетдневна турнеја во Полска – Бели Исток. Од 29 јули до 2 август ќе го реализираме семинарот за традиционална музика и игра во Битола, каде што уметниците на ансамблот се вклучени и како курсисти, но и како волонтери во организациската актива на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ – Битола. Летната активност ќе ја завршиме со тридневно гостување во Грција, по што ќе следува краток одмор за претстојниот есенски период – изјави Владимир Јаневски, уметнички директор на ансамблот „Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.