Париз го смета за нечуено прислушувањето на тројца француски претседатели, но тешко дека за оваа практика на шпионирање на сојузниците дознале од Викиликс.
Белата куќа ги демантира тврдењата на Викиликс дека САД го прислушкувале актуелниот претседател на Франција. Вашингтон, од друга страна, не негираше, но и не ги потврди тврдењата од истиот сајт дека цел на американските шпиони биле и двајцата претходници на Оланд. Реагирајќи на новиот сојузнички шпионски удар, Елисејската палата соопшти дека американското шпионирање е неприфатливо и дека повеќе нема да се толерира.
Сајтот на Џулијан Асанж објави дека американската Национална безбедносна агенција НСА пресретнувала телефонски разговори на поранешните шефови на Петта Републиката, Жак Ширак и Никола Саркози. Франсоа Оланд, сегашниот шеф на Елисејската палата, исто така, се наоѓа во документацијата што носи ознака строга тајна, а која преку некои канали, не се знае дали благодарение на материјалот на Едвард Сноуден, протече на „Викиликс“.
Веста, која прв ја пренесе „Либерасион“, предизвика негодување во Париз, но, ако се суди според однесувањето на Германија кога беше откриено дека НСА го озвучила телефонот на канцеларката Ангела Меркел, тешко дека нешто ќе се промени во односите меѓу САД и шпионираниот европски партнер.
Од новите поглавја на аферата, која може да се нарече „Како Американците ги шпионираат најблиските пријатели“, дознаваме дека Агенцијата многу се интересирала што француските лидери зборувале во периодот од 2006 година до 2012 година. Службата поставила „бубалки“ дури и на телефонот на Саркози, иако овој шеф на Елисеј важи за проамерикански лидер, пишува „Политика“.
Во записникот на американските разузнавачи стои дека Саркози зад грб на САД се обидувал да ги продолжи мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците. Забележано е и дека Оланд уште пред три години бил загрижен Грција да не излезе од еврозоната и дека за тоа сакал да разговара со германските социјалисти, бидејќи конзервативната Меркел не влевала доверба.
Агентите запишале како француските претседатели ја толкуваат светската економска криза, како ги анализираат односите во ЕУ и изнесуваат ставови за другите теми, при што ниту една сочувана информација нема никакви врски со американската безбедност и борбата против тероризмот, со што Вашингтон ја оправдува програмата за масовно контролирање. Оланд одржа итен состанок со министрите и со воените старешини и во соопштение се закани дека Париз нема да трпи удари на француските интереси.
– Властите на САД прифатија извесни обврски. Мора да се присетат на тие обврски и строго да ги почитуваат – велат француските власти.
Министерството за надворешни работи во Париз ја повика американската амбасадорка на разговор и најави дека во Вашингтон по објаснување праќаат висок разузнавачки функционер. Сноуден прв во 2013 година обелодени дека САД ја шпионира комуникацијата на граѓаните и шефовите на сојузничките земји – вклучувајќи ги и европските партнери во НАТО.
– Тешко ни е да сфатиме и да замислиме што ги мотивира сојузниците да ги шпионираат останатите сојузници, кои често се на исти стратегиски позиции во светските настани – рекоа во француската влада.
Освен претседателот, на удар биле и негови блиски соработници. Броевите на нивните мобилни телефони исто така се наоѓаат во документацијата на НСА. Еден помошник на Саркози изјавил дека чувствува дека довербата е нарушена со оглед на многу блиските односи кои ги имаме со САД и фактот дека сме екстремно лојални сојузници, додека градоначалничката на престолнината Ан Идалго, соопшти дека откритијата на Викиликс се морничави и дека бараат објаснување од САД и гаранции дека тоа повеќе нема да се повтори.
Освен што тврдат дека не го прислушкувале Оланд, САД истакнуваат дека нема да го шпионираат ниту во иднина. – Немаме разузнавачки активности во странство освен во некои случаи од безбедносни причини. Тоа се однесува како на граѓаните така и на светските лидери. Блиску соработуваме со Франција во поглед на сите од меѓународно значење и Французите се назаменливи партнери – истакнаа од Белата куќа за „Си-Ен-Ен“.
И покрај заколнувањата на старото сојузништво и партнерство, САД не им веруваат премногу на своите европски пријатели, па како што порано се веруваше, а по излегувањето на Сноуден во јавност, сега со сигурност се знае дека шпионираат како да се работи за блискоисточни региони. Германците бараа објаснување откако излезе на видело дека на радарот на американските агенти била дури и канцеларката Меркел, но сите набрзо се стишија и ја отфрлија истрагата.
За работата да биде уште полоша, неодамна се дозна дека германската тајна служба БНД шпионирала за сметка на Американците и тоа компании и официјални европски земји со кои е во политичка и економска бриселска унија. Негодувањето во Париз е очекувано ако се знае дека Французите традиционално се фрустрирани од американската превласт во Европа, но не треба да се очекува преголемо бранување, што го назначи и еден од тамошните министри со изјава дека владата нема да дозволи состојбата да прерасне во криза.
И покрај негодувањата на американска сметка, Французите, главно, ги следеа Американците во нивните воени походи, па нивната војска своевремено беше пратена во Авганистан, исто како што денес е вклучена во коалицијата против Исламската држава. Исклучок е инвазијата во Ирак во која одбија да учествуваат, иако на примерот на Сирија се покажаа повоинствени од САД и се налутија на претседателот Обама што се откажа од нападот на Дамаск.
„Би-Би-Си“ заклучува дека шпионирањето се подразбира додека не се открие, а потоа на владите им е малку незгодно на јавноста да ѝ ја објаснат природата на тие сојузи. Асанж во текстот во „Либерасион“ порача дека кога станува збор за шпионирање, пријателства не постојат. Французите имаат право да знаат дека нивната избрана влада е на удар на непријателско шпионирање од страна на евентуалниот сојузник. Меѓутоа, Французите и порано знаеја дека се озвучени од страна на САД.
По иронија на судбината токму материјалот на Викиликс откри дека Америка во 2010 година ги шпионирала француските лидери за да слушне што тие мислат за тоа што таа ги шпионира. Двајца функционери во тој пресретнат разговор изразиле фрустрација што САД не можат да постигнат договор за разузнавачка соработка.
Америка има посебен договор за соработка и размена на информации со сојузниците, но само со тие од англиското говорно подрачје, со Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Австралија. Американските разузнавачи запишале дека француските функционери го разбираат проблемот во тоа што САД сакаат да продолжат да ја шпионираат Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.