| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ воведе привремени мерки за превенција од евентуален одлив на капитал кон Грција

нбрмНародната банка на Република Македонија презема заштитни мерки со привремен карактер заради превенција од опасноста евентуални позначителни одливи на капитал од Република Македонија кон Грција да предизвикаат позначително нарушување на рамнотежата во билансот на плаќања и нарушување на стабилноста на финансискиот систем. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци.

Мерките се преземаат по денешната одлука на Европската централна банка да го замрзне нивото на вонредна ликвидносна поддршка имајќи го предвид непродолжувањето на Програмата на ЕУ за прилагодување на Грција и ризикот за неизвршување од страна на Грција на отплатите по долгот кои достасуваат на 30 јуни, откако грчката влада одлучи да одржи референдум за условите на нејзината програма со кредиторите, што фактички значи исклучување на банките од Република Грција од програмата на Европската централна банка за итна ликвидносна поддршка (Emergency illiquidity assistance – ELA) и најверојатно воведување капитални контроли во Грција.

Според НБРМ со преземените мерки дополнително се зајакнува отпорноста на финансискиот систем на надворешни фактори.

Како што појаснуваат од НБРМ, превентивните мерки се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од резидентите на Република Македонија (физичките и правните лица) кон грчките субјекти врз основа на  новосклучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции.

– Интенцијата на превентивните мерки е да се ограничат само капиталните одливи кон Република Грција и кон субјекти од Република Грција (како што се одливите за основање друштво, вложување во хартии од вредност, вложување во документи за удел во инвестициски фондови, вложување во инвестициско злато, финансиски кредити, долгорочни заеми и слично), но не да се блокира ниту на било каков начин да се отежне сегашното и идното комерцијално работење со субјектите од Република Грција, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека тековните трансакции остануваат слободни: не се врши ограничување на приватните трансфери, ниту на трансакциите врз основа на размена на стоки и услуги, вообичаените банкарски инструменти за плаќање и кредитните инструменти кои се поврзани со прометот на стоки и услуги помеѓу резидентите и субјектите од Република Грција (како на пример, плаќање врз основа на увоз, акредитиви, гаранции, транспортни услуги, туристички и други патувања, итн.). Исто така, за да се задржи сигурноста на странските инвеститори за остварување на правата од нивната сопственост во Република Македонија, не се ограничуваат ниту одливите врз основа на остварените дивиденди.

Заради обезбедување на средствата што домашните банки ги имаат во банките во Република Грција, македонските банки се должни да ги повлечат сите кредити и депозити од банките со седиште во Република Грција и нивните филијали и подружници во Република Грција или во странство, без оглед на договорената рочност. Сепак, за да се овозможи непреченото одвивање на платниот промет со странство за трансакциите кшто не се забранети, е направен исклучок од ова барање за средствата на тековните (кореспондентните) сметки кај тие банки.

Досегашните прудентни и супервизорски мерки и лимити за банките во однос на вложувањата во хартии од вредност вклучително и грчките хартии од вредност (обврската за издвојување повисок процент на резервации за пласманите кон земји и субјекти од земји со понизок кредитен рејтинг од определениот и лимитот за изложеност на нашите банки кон нивните матични субјекти во висина од најмногу 10% од сопствените средства), се надополнети со експлицитна забрана за сите резиденти, за вложување во грчки хартии од вредност (хартии од вредност издадени од централната банка, централната влада, локалната и регионалната власт во Република Грција, како и хартии од вредност издадени од правни лица со седиште во Република Грција и нивните филијали и подружници во Република Грција и во странство).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top