Минималната откупна цена на пченицата, според земјоделците, би требало да се движи од 10 до 14 денари за килограм во зависност од квалитетот, а мелничарите предлагаат таа да биде осум до девет денари за килограм.
За можните минимални откупни цени на пченицата, претставници на земјоделските здруженија и на мелничката индустрија разговараа денеска на средба со министерот за земјоделство, Михаил Цветков.
Заклучено е по објавувањето на берзанските цени за новата пченица, односно на крајот од следната недела, повторно да се одржи состанок на кој ќе се дефинираат минималните цени, соопшти по средбата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со оглед на тоа што моментно се увезуваат брашно и пченица од ланската реколта и за поголема заштита на потрошувачите, земјоделците и мелничарите побарале Агенцијата за храна и за ветеринарство да продолжи со засилени контроли на квалитетот и на безбедноста на увезенето брашно и над операторите со храна што вршат увоз на брашно.
Министерството за земјоделство, истакнал министерот Цветков, ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе ги преземе сите мерки за успешна реализација на претстојниот откуп на пченицата во интерес на земјоделците, мелничката индустрија и на потрошувачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.