Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, и директорката на Царинска управа на Република Македонија, Наташа Радеска- Крстевска, денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Меморандумот, како што соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство, е поттик за интензивирање на заемната соработка во делот на контрола на храната од животинско и неживотинско потекло и на производите кои доаѓаат во контакт со храната со крајна цел заштита на економските, трговските, фискалните и општествените интереси на Република Македонија.
– Со овој документ се дефинира соработката меѓу двете институции за спречување на влез на небезбедни пратки со храна или храна за животни, нуспроизводи од животинско потекло и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, но и начинот на спроведување на брзи и ефикасни контроли на граничните премини и складови на пратки со вакви производи – се вели во соопштението од Агенцијата.
Денеска потпишаниот меморандум треба да претставува и основа за олеснување, поедноставување и обезбедување побрз проток на патници и стоки во патниот, воздушниот и железничкиот сообраќај, како и за создавање услови за обезбедување на високо ниво на заштита и безбедност на населението, но и за размена на информации кои се однесуваат на безбедноста и квалитетот на храната и на производите кои доаѓаат во контакт со храната.
Со потпишување на Меморандумот, се посочува во соопштението, Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство изразуваат волја за унапредување на соработката и јакнење на меѓусебната помош, следење, усогласување, оптимизација и изнаоѓање решенија на евентуални проблеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.