Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Брисел ќе учествува на редовниот самит на Европската народна партија (ЕПП), на кој учествуваат шефовите на партии и политички лидери од европската десница, меѓу кои и првите луѓе на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, домаќин на настанот е претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, а на истиот ќе присуствуваат и претседателот на групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, генералниот секретар на ЕНП, Антонио Лопез Истуриц, како и шефови на повеќе влади во Европа и политички лидери.
Меѓу присутните на денешниот Самит на најголемата политичка партија во Европа се очекува да бидат и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, премиерот на Ирска, Енда Кени, премиерот на Португалија, Педро Пасос Коељо, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, како и Никола Саркози од Франција, Јанес Јанша од Словенија и други.
Самитот на ЕПП се одржува пред самитот на Европскиот совет, кој, исто така, започнува попладнево во Брисел. Инаку, Европската народна партија е најголемата политичка партија на ниво на Европа, со најбројна парламентарна група во Европскиот парламент и самитот на ЕПП е можност за запознавање на политичките лидери со актуелните случувања, напорите кои се вложуваат на полето на интеграциските процеси и поддршка во остварување на стратешките цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


