| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов се сретна со шефот на грчката дипломатија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

ivanov

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој контекст, претседателот Иванов го поздрави усогласувањето на мерките за доверба меѓу двете земји, оценувајќи дека тоа претставува значаен чекор за понатамошно унапредување на билатералните односи и може да придонесе за создавање позитивна атмосфера за надминување на разликата околу името.

Претседателот Иванов констатираше дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу двете општества никогаш не била на подобро ниво и порача дека политичарите треба да ја следат таа нова реалност што постои меѓу општествата, граѓаните и бизнис-заедницата на двете земји.

„Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог да се бара решение за надминување на разликата за отвореното прашање“, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов ја истакна подготвеноста од македонска страна за натамошно јакнење на соработката со Република Грција во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст ја реафирмираше подготвеноста за средба со неговиот грчки колега, претседателот Павлопулос.

На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Претседателот Иванов нагласи дека интеграцијата на државите од западен Балкан во ЕУ е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и порача дека ЕУ мора да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нејзина најуспешна политика.

Двајцата соговорници се согласија за неопходност од соработка и доверба на македонските и грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот, но и за заканите по националната безбедност на двете држави.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top