| четврток, 6 декември 2018 |

„Сеќавање на љубовта“ од Алисон Ричман e хитот на летото на читателите на Клубот Матица

Клубот Матица, традиционално, 16-та година по ред ја организира летната кампања „Со книга на плажа“, која годинава е збогатена со новиот слоган „Сонцето пишува нови страници“. Читателите и членовите на Клубот, гласаа за автор и наслов на летото, а според резултатите хитот за ова лето е светски популарниот роман „Сеќавање на љубовта“ од Алисон Ричман, дело номинирано за најдобар роман во 2014 година во САД.

„Сеќавање на љубовта“ е реална, вистинска драма, приказна сместена помеѓу волшебната убавина на Прага и модерниот Њујорк. Приказна стара педесетина години со порака која вечно ќе живее во срцата на милионите читатели ширум светот.

-За годинава, особено радува податокот што во првите пет наслови, на второто место, за првпат во овие шеснаесет години се најде и дело од македонски автор, и тоа дебитант, младата Верче Карафилоска со својот „Бездомник со златен часовник“, роман фикција со извонредни примеси од трилер и драма, велат оттаму.

-Овој резултат ги потврдува нашите ставови дека во Македонија има млади, талентирани автори кои знаат да направат светска приказна, а македонските читатели знаат да го препознаат тоа. Навистина ова е податок што треба сите да не радува и сметам дека дава поттик кон сите млади и амбициозни домашни автори да го следат патот на Верче, истакнува Дејан Павлевски.

Продолжува и акцијата „60 летни денови–60 нови наслови“, или секој ден по еден нов наслов, а публиката ќе има можност да ужива во зборовите и мислите од најновиот роман на Лусинда Рајли „Ноќ над мојот прозорец“, „Токио“ од Мо Хајдер, „Девојката која трчаше со волците“ од Шерил Стрејт, најновите дела на Јасмина Кадра, Роберт Херис, унгарскиот нобеловец Шандор Мараи, скандинавскиот книжевен феномен Кирс Копланд и многу други.

Позитивниот став кон книгата и организацијата на вакви кампањи го видоа и партнерите на Клубот  од соседството, Делфи и Лагуна, како и големите Парагон и Вотерстоунс, а со нивното учество спектарот на наслови и автори во генералната понуда се зголемува за неколку илјади. Безвременските дела на Марио Варгас Љоса, Сарамаго, Мо Јен, Џорџ Мартин, Амин Малуф, Харлан Кобен, Патерсон, Баркли… ќе бидат достапни со цени прилагодени на македонскиот книжевен пазар. Секако, семејните пакети по сопствен избор со многу подароци секогаш се опција на Булеварот на книгите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top