| четврток, 6 декември 2018 |

УНИЦЕФ: Напредок во остварувањето на правата на децата во Македонија

Во Македонија во изминатите години е постигнат напредок во однос на остварувањето на правата, развојот и на благосостојбата на децата, покажуваат податоците од Извештајот на УНИЦЕФ за напредокот на децата на глобално ниво.

Процентот на деца што умираат пред петтиот роденден е намален од 36 на 1.000 живородени во 1990 на 11,3 на 1.000 живородени во 2013 година. Процентот на деца помали од петгодишна возраст што имаат недоволна висина за нивната возраст е намален од осум проценти во 1999 година на 5 проценти во 2011 година, се забележува во извештајот.

Во него се забележани подобрувања и во сферата на образованието. Бројот на запишани момчиња во основно училиште е зголемен од 87 проценти во 1990 година на 97 проценти во 2012 година. Исто така, процентот на запишани девојчиња во основно училиште е зголемен од 88 проценти во 1990 година  на 99 проценти во 2012 година.

Резултатите, прикажани во извештајот на УНИЦЕФ за напредокот, на глобално ниво, но и за Македонија, укажуваат дека покрај значителните достигнувања, сепак има нееднаквости.

Поверојатно е доенчињата од ромска националност да починат пред нивниот прв роденден во споредба со другите – стапката на смртност кај ромските доенчиња е 17,4 на 1.000 живородени во споредба со албанските од 11,9 и македонските од 8,4. Ромите е поверојатно да бидат пониски за нивната возраст од другите деца – процентот на забавен раст кај ромските деца е 17 проценти во споредба со пет проценти кај другото население, се посочува во извештајот.

Во него се додава дека е многу помала шансата децата на возраст од 36 до 59 месеци од најсиромашните домаќинства да посетуваат рано детско образование, во споредба со децата од најбогатите домаќинства – 0,3 проценти кај најсиромашните во споредба со 56 проценти кај најбогатите.

Исто така, десет пати е помала можноста децата Роми и децата Албанци да посетуваат рано детско образование во споредба со децата Македонци – кај Ромите четири проценти кај Албанците три проценти во споредба со 37 проценти кај Македонците. Ромските девојчиња е многу поверојатно да се омажат на возраст меѓу 15-19 во споредба со девојчињата Албанки и Македонки – детските бракови кај Ромите се застапени со 22 проценти во споредба со Албанците со шест проценти и Македонците фва процента, стои во извештајот на УНИЦЕФ.

За надминување на нееднаквостите и во Македонија и глобално според УНИЦЕФ се потребни доволно инвестиции што се насочени кон најобесправените деца и заедници и се поддржани од посветени политички лидери, квалитетни податоци кои ќе овозможат да се идентификуваат најранливите деца и да се разберат предизвиците со кои се соочуваат во пристапот до услуги, посилни системи за здравствена заштита, образование и детска заштита и социјална заштита кои работат со оние кои имаат најголеми потреби…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top