Субвенционирано вработување лица во социјален ризик, како и помош за приватниот сектор со директни субвенции да отворат нови работни места за овие категории на граѓани, предвидува новата мерка на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување. Мерката денеска ја најави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, при посетата на дисперзираната канцеларија на Центарот за вработување – Скопје, во општина Ѓорче Петров.
– Со мерката субвенционирано вработување на лица во социјален ризик ќе ги опфатиме примателите на социјална парична помош, жртвите на семејно насилство, лицата коишто до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа. Со мерката се опфатени и лицата коишто имаат ниски приходи, односно корисниците коишто во минатото користеле условен паричен надоместок за редовно школување што доаѓаат од семејства коишто во минатото биле приматели на социјална парична помош, лицата со ниски приходи по член на семејство под 50 проценти од просечната плата во Република Македонија, како и млади лица до 29 години чиишто семејства, исто така, имаат ниски приходи – истакна Спасов.
Субвенциите се поделени на две главни групи. Во првата група ќе се субвенционира бруто-плата за вработување на лица во социјален ризик со вкупен максимален износ на месечно ниво од 22.000 денари, од коишто 17.000 денари за бруто-плата за вработеното лице и 5.000 денари надоместок за трошоци на обука за работодавачот месечно во период од шест месеци со обврска за компаниите да ги задржат овие лица на работа дополнителни 12 месеци.
– Втората група на субвенции опфаќа максимална субвенција од 11.900 денари месечно во период од шест месеци со пет години ослободување од плаќање социјални придонеси во рамки на проектот „Македонија вработува“ – додаде Спасов.
Со оваа мерка, која е дел од оперативниот план за 2015 година за што е обезбеден посебен буџет преку Светска банка, ќе се вработат 134 невработени лица за што се обезбедени средства во вкупен износ од 11 милиони денари.
Раководителката на центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска, појасни дека во подрачна канцеларија за вработување во Ѓорче Петров граѓаните ќе можат да аплицираат и за новата мерка којашто е наменета за лицата во социјален ризик.
– Лицата ќе добијат вработување при што ќе им бидат платени придонеси, здравствено и осугурување при вработување, а работодавачите ќе добијат поголема субвениција бидејќи ќе вработат луѓе од оваа категорија – истакна Алексовска и додаде дека сите заинтересирани работодавци можат да аплицираат во подрачните единици на Агенцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.