Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со бесплатна изведба на претставата „,Многу врева за ништо“, во режија на Ива Милошевиќ, која ќе биде изведена вечерва во 19.30 часот, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот – 27 март. Љубителите на театарот ќе имаат можност да ја проследат игривата и релаксирана современа претстава, која има универзални вредности.
При тоа ќе биде прочитана македонската порака од актерот и професор Мими Таневска, која, меѓу другото, посочува дека театарот треба да е отворена врата за сите храбри, авангардни и креативни идеи.
– Театарот треба да биде доследен на својата цел: да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да открива, да го одбира и да оди по патот на вистината, да го покренува духот, да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради вистински естетски критериуми, да провоцира, да го брани својот интегритет, да ги крши конвенциите – вели, меѓу другото, во пораката Таневска.
Светската порака е од Дарио Фо, италијански драмски писател, режисер и актер, добитник на Нобеловата награда за книжевност, во која се вели дека денес актерите и ансамблите се соочуваат со тешкотии во пронаоѓање театарски сцени и публика, сѐ поради кризата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.