| четврток, 6 декември 2018 |

Битолскиот театар гостува на „Шекспиров фестивал“ во Нови Сад

Ансамблот на Народниот театар – Битола од 25 до 30 јуни ќе настапи на вториот „Шекспиров фестивал“, кој ќе се одржи во српскиот град Нови Сад.

Режисерот и директор на фестивалот, Никита Миливоевиќ, годинава освен театарот од Битола, покани и театри од Иран, Белорусија, Велика Британија и домаќинот. На овој меѓународен настан, освен театарски претстави ќе има работилница и проекција на филмови од Орсон Велс работени според делата на Вилијам Шекспир.

– Во Нови Сад ќе настапиме со претставата „Отело“ во режија на Диего де Бреа. Како што е познато, станува збор за драма што Шекспир ја напишал во 1604 година, посветена на Отело. Тоа е претстава што, освен врвна актерска игра, изобилува и со светлосни ефекти и со музика што не ја остава рамнодушна публиката, впрочем така беше на „Охридско лето“, „Битолски Шекспиров фестивал“ и на други театарски сцени, а веруваме дека така ќе биде и во Нови Сад, информираат од НУ Народен театар – Битола.

Според програмата, театарот од Белорусија ќе настапи прв со претставата „Кралот Лир“, театарската група „Кататонија“ од Техеран, Иран ќе ја изведе претставата „Магбет“, а театарската програма на фестивалот ќе ја затвори битолскиот театар на 28 јуни со претставата „Отело“ во која настапуваат Борче Ѓаковски, Катерина Аневска, Марјан Ѓоргиевски, Иван Јерчиќ, Николче Пројчевски, Валентина Грамосли, Петар Горко и Илина Чоревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top