| четврток, 6 декември 2018 |

Оптимизам за постигнување договор меѓу Грција и кредиторите

грција

Грција треба да се врати кон економски раст и да остане во еврозоната, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас пред денешната средба со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Според Ципрас, „време е за реално и остварливо решение кое ќе и овозможи на Грција да се врати кон раст во рамките на еврозоната, во услови на социјална правда“.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер рече дека за време на изминатиот викенд е постигнат напредок во преговорите со Грција, „но се уште нема договор“.

– Не знам дали денеска ќе имаме договор- додаде Јункер.

По средбата со претседателот на ЕК, Ципрас ќе има заеднички состанок со шефот на ММФ Кристин Лагард, членот на бордот извршни директори на Европската централна банка Беноа Кури, претседателот на ЕЦБ Марио Драги и шефот на Еврогрупата Јерун Дејселблум.

Доцна попладне грчкиот премиер ќе има средба со претседателот на европскиот совет Доналд Туск, а вечерва ќе учествува на неформален самит на лидерите од Еврозоната посветен на Грција.

Во меѓувреме, еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси денеска изјави дека, откако Атина поднесе нови предлози, „ќе се најде решение за грчката криза“.

Московиси истакн дека денеска е „одлучувачки ден“ за Грција.

– Мислам дека на крајот од денот ќе победи политичката волја на сите да се зачува еврото, ова заедничко добро, и да се осигура дека оваа единствена валута е неповратен процес – додаде еврокомесарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top