Граѓаните избираат кој ќе биде на власт а кој во опозиција, вели премиерот Никола Груевски во интервју за австриски „Ди Пресе“, запрашан околу тоа дали ќе поднесе оставка. Македонскиот премиер во интервјуто потенцира дека неговата Влада има мандат од четири години, а досега помина само една.
-Нашиот мандат истекува за четири години. Една веќе заврши, така што имаме уште три. И покрај ова, ние се согласивме за нови избори, дури и до крајот на јули, но опозицијата сака на избори во април следната година. Народот треба да избере кој ќе биде на власт, а кој во опозиција- вели Груевски.
Коментирајќи околу протестите кои се случуваат пред Владата во моментов, Груевски за „Ди Пресе“вели дека „однадвор сé изгледа поинаку, пред Владата протестираат од 50 до 100 луѓе, а повеќето од нив работат во градската администрација каде господинот Заев е градоначалник“.
Запрашан, пак, за состојбата со медиумите, Груевски вели дека „проблемот со медиумите во Македонија не е во немањето на слобода, туку во тоа што повеќето од медиумите се пристрасни, едни за власта, а други за опозицијата, односно само неколку се неутрални“.
Груевски се осврна и на можноста земјата да ја загуби препораката од страна на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Европската унија, доколку не се реши моменталната криза.
-Тоа е точно, но ние и од претходните препораки немавме некоја полза. Немаше почеток на преговорите, меѓутоа доколку не добиеме нова препорака од Комисијата, тоа ќе биде чекор назад. Еврокомесарот Јоханес Хан ни помогна многу. На 2-ри јуни потпишавме договор кој ќе ни обезбеди избори во април. Така ќе се дојде до решение, и преку анкетна комисија во парламентот. Во наш интерес е да имаме кристално јасни избори- вели Груевски во интервјуто за австрискиот весник.
Говорејќи за можноста од нови меѓуетнички конфликти, Груевски вели дека во земјата нема потенцијал за такво нешто.
-Во Македонија нема потенцијал за етнички конфликти. Албанците се целосно интегрирани, дури и како дел од Владата. Во инцидентите во Куманово немаше меѓуетнички конфликти, тоа беше 30-часовна битка меѓу македонските безбедносни сили и терористите кои дојдоа од нашата соседна земја Косово- изјави Груевски.
Тој додаде дека доколку Македонија претходно ги започнеше преговорите со ЕУ, тогаш земјата ќе немаше толку проблеми.
-Во 2008-та ги остваривме сите критериуми за влез во НАТО. Во 2009-та година Европската комисија препорача отворање на пристапните преговори. Членките на ЕУ не успејаа да најдат начин за Македонија да оди напред. Сигурен сум дека доколку преговорите со ЕУ беа започнати, ќе немавме многу проблеми“, вели Груевски во интервјуто за „Ди Пресе“, додавајќи дека смета оти „ЕУ е 100 процентно фокусирана на грчката криза и нема капацитет да направи нешто повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски