| четврток, 6 декември 2018 |

Регионалната соработка важен предуслов за долгорочна стабилност

незири

Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е на завидно ниво. Бугарија е на 6-тото место од десетте држави со кои имаме најинтензивна соработка, оцени министерот за економија Беким Незири, кој денеска се сретна со неговиот бугарски колега Божидар Лукарски пред почетокот на Економскиот форум за Југоисточна Европа во Софија.

На средбата е договорено Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината, а министерот Незири го поканил Лукарски да ја посети Македонија и го запознал со 13-те слободни економски зони кои се можност за инвестирање на бугарските компании.

Министерот Лукарски изразил задоволство од поканата за посета на Република Македонија, потврдувајќи дека Скопје ќе биде меѓу приоритетите на неговата агенда.

– Ние на Балканот, трудејќи се да соработуваме со што повеќе земји, често се забораваме себеси и соседите. Среќни сме што денеска ни е гостин министерот Незири. Се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината на експертско ниво, но и од страна на двете министерства да се организира бизнис форум, во чии рамки ќе се одржат средби меѓу бизнисмените од двете држави. Задоволни сме што македонско-бугарската стопанска комора функционира добро, иако резултати има само во делот на туризмот- изјави Лукарски.

Тој го информирал Незири дека Бугарија првпат во првиот квартал годинава има раст од три отсто, околу два отсто намалување на невработеноста и раст на извозот за првите три месеци од 12,8 отсто.

Министерот Незири се обрати и на Економскиот самит што се одржува во рамки на бугарското претседавање со Процесот на соработка на ЈИЕ. Во своето обраќање, се задржа на значењето на регионалната трговија како фактор на раст, бидејќи пет од вкупно 11 главни цели се поврзани со трговијата и инвестициите.

– Како што е предложено во Стратегијата на ЈИЕ 2020 и прифатено од ЦЕФТА земјите, стремежот е да се постигне раст во трговијата од 230 проценти до 2020 година, при што регионалната трговија со стоки ќе се третира за трговија на единствен пазар. Меѓу основните приоритети е слободниот проток на инвестиции преку креирање на единствен инвестициски концепт, потоа олеснување на трговијата, преку склучување Рамковен Договор од страна ЦЕФТА земјите, целосно укинување на царинските давачки за земјоделско-прехранбените производи помеѓу ЦЕФТА земјите, воведување на дијагоналната кумулација на потекло на стоката, согласно унифицираните правила на Пан – Евро медитеранската конвенција за потеклото на стоката, како и либерализација на трговијата со услуги- истакна Незири.

Во делот на трговската соработка, Незири посочи дека размената на Македонија во 2014 година со земјите на ЕУ е 72 проценти, а со ЦЕФТА земјите 12,8 проценти од вкупната трговија при што македонскиот извоз пораснал за 15,6 проценти, а увозот за 10,3 проценти.

Тој се осврна и на мерките, политиките и проектите за имплементација на индустриската политика, поттикнување на конкурентноста и иновациите, олеснетиот пристап до финансии за деловните субјекти, спроведените реформи, како и привлекувањето на странски инвестиции.

– Позитивните оценки во рамки на повеќе меѓународни рангирања се доказ повеќе дека Владата на Република Македонија има јасна визија за развој, кој е базиран на економски раст преку зголемување на конкурентноста, како резултат на подобрување на бизнис климата, развој на инфраструктурата и на човечкиот капитал, како основа за подобрување на благосостојбата на граѓаните. Република Македонија како дел од регионот на Југоисточна Европа е силно заинтересирана за економски просперитет на земјите од регионот и поголемата меѓусебна соработка, како суштински предуслови за долгорочна стабилност и заедничка иднина во евроинтеграцискиот процес- нагласи Незири на самитот што се одржува во Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top