Британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн денеска порача дека ЕУ и Грција се наоѓаат во „единаесеттиот час од грчката криза со долговите“ и ја повика владата во Атина, да постигне договор со своите кредитори, пред да биде, како што рече, „премногу доцна“.
– Ние се надеваме на најдоброто, но се подготвуваме и за најлошото – рече Озборн.
Грција има само уште 11 дена за да се спогоди со кредиторите, или во спротивност ќе го пропушти рокот за отплата на заемот од ММФ од 1,6 милијарди евра, што доспева на 30 јуни.
Земјата веќе доби еднаш согласност од ММФ за одложување на исплатата на на ануитет од 300 милиони евра, што исто така доспева на крајот од овој месец. Генералниот директор на ММФ Кристин Легард, изјави пред вчерашниот состанок на министрите за финансии на ЕУ, во Луксембург, дека нема да има нови одлагања на исплатите и нови рокови, барајќи од владата во Атина, да прифати реформирање на пензискиот фонд.
Доколку грчката Влада не ги исплати доспеаните долгови, ризикува Грција да ја напушти еврозоната, да и се врати на својата некогашна валута драхмата и веројатно да излезе и од ЕУ.
Анкетите што се прават меѓу грчките граѓани, укажуваат дека иако тие и понатаму имаат разбирање за политиката на владата кон кредиторите, сепак, мнозинството Грци сака останување на земјата во еврозоната и не се согласува со враќањето на драхмата, верувајќи дека тоа би било „вистинска катастрофа“.
Кредиторите ЕУ, Европската централна банка (ЕЦБ) и ММФ, не се повеќе подготвени да ја покриваат грчката неликвидност, ако владата не прифати спроведување на неопхдни реформи.
Станува збор за реформирање на грчкиот пензиски систем, на ДДВ и на буџетското трошење. Доколку тоа не се направи, кредиторите не сакаат да префрлат нови 7,2 милијарди евра, што се запрени уште во февруари оваа година.
Непопустливоста на кредиторите доаѓа по објавувањето на податоцоте, дека само во времето меѓу понеделникот и вчера, од грчките банки, домашните штедачи извлекле три милијарди евра, или 2,2 отсто од депозитите на населението и на компаниите, регистрирано на крајот од април.
Лондонски „Гардијан“ вчера првпат јавно праша дали грчката влада нема пари, или пак не сака да ги плаќа свооите долгови.
Ваквата реакција на весникот дојде откако еден од министрите во владата во Атина се оправдуваше дека Грција „нема пари„ за да го плати долгот од 1,6 милијарди евра кон ММФ, што доспева на 30 јуни, ако не и се помогне од страна, но во исто време се покажува дека банките се доволно ликвидни, за да ги сервисираат штедните долгови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.