По низа перипетии и наоѓање влакна во јајцето за да се покрие грчката блокада, Европската комисија, поточно еврокомесарот задолжен за проширување, Јоханес Хан, го искористи отворањето на процесот на скенирање како морков за надминување на политичката криза во Република Македонија. Процесот на скенирање во македонскиот случај не значи почнување на преговорите за членство, иако е почетна фаза за нив. Скенирањето значи увидување на разликите во правните прописи кај кандидатот со тие што важат во Унијата. Преговарачкиот процес, според последниот пример со Хрватска, се одвива во 35 поглавја. Најобемни се поглавјата 23 и 24, за чиешто приспособување може да се загубат неколку години.
Во случајот со скенирањето со Македонија, всушност ќе се скрати процесот на преговорите кога ќе се создадат услови за нивно отворање. Од друга страна, ќе се искористи периодот од пет години за кои во ЕУ донесоа одлука да нема проширување. Со отворањето на скенирањето, македонските интегративни процеси, односно реформи, би требало да излезат од „лер“ и повторно да почнат да добиваат брзина исполнувајќи ги одредниците.
Хан со тоа направи мудар чекор – го искористи времето за проширување, кое ЕУ го стави во мирување, давајќи ѝ на Македонија шанса да ги исполнува потребните реформи за преговорите паралелно со процесот што Унијата го почнува со Србија и со Црна Гора, искористувајќи ја внатрешно- политичката криза во Македонија. Хан ќе си ја оправда својата улога во неформалната влада на ЕУ со тоа што на државата-кандидат со шест препораки едноподруго ѝ овозможува да премине, макар и на овој паралелен начин, во напредна фаза во интеграциите.
Поглавјата 23 и 24
Ако веќе нагласивме дека скенирањето е првата фаза на преговорите, треба да се каже и дека тоа се прави за секое преговарачко поглавје одделно, а времетраењето зависи од неговата правна сложеност. При преговорите со Хрватска, ЕУ воведе нов инструмент за да може детално да го анализира напредувањето, односно поставување мерила (одредници) при отворањето и затворањето на секое поглавје. Мерки за отворање се поставуваат за тие поглавја за кои Унијата смета дека државата-кандидат не ги исполнила за отворање на преговорите – како определени стратегии, акциски планови, закони или формирање институции потребни за нивно спроведување.
Преговорите за членство, всушност, и не се преговори, туку се определување услови под кои кандидатот ќе ги прифати и спроведе правните текови на ЕУ. Бидејќи во поглавјето 23 нема правни текови, тоа поглавје е посебно и се однесува на практикувањето на највисоките европски стандарди во борба против корупцијата, заштита на човековите права и функционирањето на правото. Всушност, 23. поглавје е ново и е произлезено од 24., што се однесува на правдата, слободата и на сигурноста, поради преобемноста во делот за судство. Се вели дека поделбата на двете поглавја, поради нивната испреплетеност, е постигната според критериумот дали се работи за политички критериуми или за најдобра практика меѓу членките на ЕУ. Така, во поглавјето 24 се најдоа воспоставените правила на ЕУ, додека во 23 се прашањата што се означени како политички критериуми.
Поглавјето 23 содржи четири целини – реформи во судството; антикорупциска политика; основни права; право на државјаните на ЕУ. Поглавјето 24 се однесува на правда, слобода и на безбедност и опфаќа единаесет теми: надворешни граници и шенгенски систем; миграции; азил; визи; полициска соработка; борба против организираниот криминал; борба против дрогата; судска соработка во граѓански и во кривични постапки; царинска соработка.
Потврдена определбата за евроинтеграции
Хан ја искористи кризата за да си ја оправда својата функција, но и образот на ЕУ пред македонските граѓани.
Всушност, отворањето на европското скенирање во Македонија доаѓа како последица на низата препораки едноподруго за почнување на преговорите, на исполнувањето на условите за визна либерализација, на низата реформи, кои секоја година од 2009 година се позитивно оценети. Но не смеат да се занемарат укажувањата дека долгото стоење во место влијае негативно и врз политичките случувања во државата и врз расположението и вербата на граѓаните во ветувањата што доаѓаат од Унијата. Македонската опозиција, пак, го употреби тој период на вакуум во евроинтеграциите поради грчката блокада, за да почне да креира паралелна вистина дека македонската власт „застранила“ од стратегиската определба на државата.
Ако се следат реформите и приближувањата што државата ги направила на патот кон евроинтеграциите, а кои граѓаните реално ги почувствувале, тоа, секако, е визната либерализација, односно слободното патување во земјите од шенгенската зоната. Дијалогот за визно олеснување почна во 2008 година, во февруари, додека во јули следната година врз основа на постигнатите резултати Европската комисија предложи визна либерализација. Истата таа 2009 година, на 19 декември, на празникот Свети Никола, „падна“ шенгенскиот ѕид за македонските граѓани.
Исполнувањето на интегрираната контрола на границите, воведувањето биометриски пасоши, но и ефикасност во борбата против криминалот и корупцијата беа дел од спроведените реформи, кои доведоа до либерализацијата. Со неа, кога и патувањето и поврзувањето беа значително олеснети и при водење бизнис, едукација или туристички, следуваа и евтините авиокомпании за многу европски дестинации. ЕУ стана многу поблиску до граѓаните на Македонија. Но и обратно! Македонија со постојаните препораки за почеток на преговорите за членство од ЕК од 2009 година до денеска, како и со постојаниот пораст на авиоконекциите, стана дестинација за многу странски туристи и, уште побитно, стана дестинација на бизнисмените што го шират бизнисот. Секако дека не може да се заборават и низа други реформи, кои придонесоа од, на пример, отворањето на фондовите на ИПА за претпристапна помош со Спогодбата од 2007 година, до исполнувањето на копенхашките политички критериуми, кои се клучните реформски приоритети за да може да се премине во втората фаза и почнување преговори.
Има многу повеќе придобивки од постојаните реформи, а сето тоа не би било можно доколку државата не го задржала евроинтегративниот курс. Дури и во услови што се специфични само за Македонија, како на пример грчката злоупотреба на клаузулата за добрососедство, или внатрешните економски проблеми на економската заедница, кои проширувањето го ставија во сенка. Како замена на ХЛАД, односно дијалогот на високо ниво, најавеното скенирање со новите поставени одредници што ќе ги донесе ќе биде нов импулс на македонскиот европски пат.
Пишува: Наум Стоилковски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 145. број на неделникот „Република“, 12.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.