Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска заедно со министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Висар Фида, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Виктор Мизо, остварија средба со повеќе стопанственици во Виена, Република Австрија.
На средбата која се одржа во организација на Федерацијата на австриските индустрии присуствуваа претставници на компании од повеќе сектори, од областа на недвижностите, технолошката индустрија, телекомуникациската и информатичката индустрија, енергетиката и металната индустрија, соопшти Кабинетот на претседателот на Владата.
Премиерот Груевски ги истакна одличните политички и економски односи со Република Австрија, која за Македонија е важен економски партнер, и истакна дека позитивна улога во развојот на односите имаат и големиот број австриски компании присутни на македонскиот пазар.
– Република Македонија има позитивна бизнис клима, а Светската банка ја рангира државата на 30-то место во годишниот извештај Дуинг бизнис, каде што сме подобро рангирани од 16 земји-членки на Европската Унија, и подобро рангирани споредено со скоро сите држави од Централна и Источна Европа, истакна премиерот Груевски.
Тој посочи дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа, во смисла на ниските даноци, и сите други останати трошоци, што придонесе многу компании особено од автомобилската и електронско-технолошката индустрија да инвестираат во земјата.
Претседателот на Владата ги истакна реформите за намалување на бирократијата, преку имплементирање на проектот Регулаторна гилотина, со кој илјадници процедури беа укинати, или беа направени побрзи или поевтини за компаниите. Беа акцентирани и договорите за слободна трговија со сите земји во Европа, со исклучок на Русија, вклучувајќи ја Турција, државите од ЦЕФТА и ЕФТА организациите.
– Многу од компаниите инвестираа во Македонија искористувајќи ја оваа моќност, да произведуваат и продаваат за овие странски пазари без да плаќаат царински трошоци, истакна Груевски.
Директорот Виктор Мизо ги истакна предностите на 14-те технолошко-индустриски развојни зони кои се или ќе бидат лоцирани на различни локации низ целата држава, како што се ослободување од плаќањето данок на добивка и персонален данок во периодот до 10 години и ослободувањето од плаќање царини и данок на додадена вредност за увезените машини и опрема во зоните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.