Налепница „Мисли на велосипедистите“ денеска беше промовирана во АМСМ, која е наменета за подигање на свеста на возачите за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот. Налепницата е дел од проектот „Со велосипед на пат низ целиот град“, кој го спроведува АМСМ во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.
Генералниот секретар на АМСМ Димитар Миновски истакна дека налепницата треба да пренесе пораки до возачите на моторни возила.
– Гледај и користи ги ретровизорите, внимавај на велосипедистите, бидејќи тие се поранлива категорија на учесници во сообраќајот и велосипедистите не се појавуваат одненадеж, се пораките – истакна Миновски.
Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски информира дека според нивната статистика во првите три месеци од оваа година се повредени 26 велосипедисти и еден е загинат.
– Наша стратегиска цел е унапредување на безбедноста во сообраќајот, а со тоа и унапредување на безбедноста на велосипедистите. Со АМСМ ќе се обидеме да ја подигнеме видливоста на велосипедистите во сообраќајот, а со тоа да влијаеме и во нивната безбедност – истакна Стаменковски.
Во рамки на кампањата АМСМ на 28 јуни ќе организира велосипедско дефиле што ќе биде посветено на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот. Дефилето ќе почне во 8 часот пред Порта Македонија и преку однапред дефинирана маршрута ќе се вози до „Школка“ во Градски парк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.