| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје за два месеца ќе добие четири нови плоштади

За околу два месеца пред храмот „Пресвета Богородица“ скопјани ќе добијат уште еден уникатен урбан плоштад, каде што ќе можат да се рекреираат и да одмораат. Некогашното место, кое само асоцираше на руина, ќе стане плоштадна површина од околу 5.500 квадратни метри. Последниве месеци интензивно се работи на улицата пред црквата, која досега беше синоним за хаос и страв во ноќните часови, пишува „Нова Македонија“.
Градежните работи што неколку месеци се одвиваат на плоштадот „Македонија“ сѐ уште се во тек. Изградбата на таканаречената „сува фонтана“, позната како „џампинг џет“, се реализира, а во моментов се работи на формирањето на партерната површина.

– Се работи и на фонтаната, која ќе биде со правоаголна форма, со димензии 20 на десет метри и ќе претставува вкопано армирано-бетонско корито. Површината врз армирано-бетонското корито ќе биде изработена од светлосиви гранитни плочи, со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри – информираат од градот.

Што се однесува до партерот, неговата реконструкција ќе се одвива етапно за да се овозможи непречено движење на пешаците во текот на градежните работи.

Овој проект чини околу 150 милиони денари, а градежните работи ќе завршат до крајот на летото.
Работите на плоштадот „ВМРО“ се реализираат во согласност со предвидената динамика. Во моментов паралелно се работи на уредувањето на партерот, изградбата на коритото за фонтаната, а ќе се почне и со уредувањето на сервисната сообраќајница, која ќе го поврзува плоштадот со главната улица.

– Улицата ќе има двоен карактер, како пешачки пристап, но ќе може да се пристапува и со моторни возила. Улицата ќе има површина од 1.300 квадратни метри и ќе оди од влезот кај „Палома Бјанка“ до плоштадот – велат од градот.

Градежните активности на плоштадот „Филип Втори“ исто така се во тек. Со проектот ќе се доуредува просторот околу црквата и Музејот на холокаустот на оваа локација.

– Со партерното уредување, целта е да се создаде осмислен отворен простор, оформен како локален плоштад, кој во себе ќе прими различни содржини и ќе стане дел од животите на луѓето што гравитираат во тој дел на градот – информираат градските власти.

Овој простор ќе има три дела. На околу 5.000 квадратни метри ќе се оформат партерни површини со пешачки патеки, ќе се направи зелена површина со ниски и високи садници и ќе има површина со клупи и канти за отпадоци. Целиот простор ќе биде осветлен со јавно осветлување, кое ќе се совпаѓа со осветлувањето на плоштадот „Филип Втори“.

– За овој градежен зафат, цената за изведба на дооформувањето на јавниот простор кај црквата „Св. Димитрија“ изнесува околу 16 милиони денари без данок на додадена вредност – додаваат оттаму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top