| четврток, 6 декември 2018 |

Шемонак: Македонија и Црна Гора да бидат поканети во НАТО на самитот во Варшава

Поранешните југословенски републики Македонија и Црна Гора треба да бидат поканети да се приклучат кон НАТО на следниот самит на Алијансата во 2016 година во Варшава, изјави министерот за одбрана на Полска Томаш Шемонак.

Таквиот чекор би можел дополнително да ги влоши односите меѓу западните држави и Русија, што веќе се во длабока криза поради случувањата во Украина, пренесува БТА.

– Ќе биде одлична вест ако може да бидат испратени покани од Варшава за Македонија и Црна Гора, изјави Шемонак во полскиот град Вроцлав.

Според Шемонак изгледа дека самитот на НАТО во Варшава, ако остане без овој елемент, нема да биде целосно задоволувачки за голем број земји, вклучително и Полска.

Македонија и Црна Гора сакаат да ги следат Албанија и Хрватска, кои пристапија на НАТО во 2009 година, но Русија се противи на ваквото проширување на НАТО кон поранешни комунистички држави во источна и југоисточна Европа, како дел од трката за геостратешко влијание по крајот на Студената војна.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави минатата година дека проширувањето на НАТО кон поранешните југословенски републики Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора би можело да биде сметано како провокација, пишува БТА.

Самитот на НАТО во Варшава е закажан за 8 и 9 јули 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top