Сирискиот археолошки бисер Палмира падна во рацете на ИСИЛ станувајќи најново елдорадо за кражби на веќе ограбеното археолошко богатство. Во потрага по него, локалитетите се уриваат со багери, а избушените подрачја под заштита на УНЕСКО личат на швајцарско сирење. Црниот пазар на артефакти цвета, а бунтовниците со заработката ја финансираат т.н. Исламска држава. Палмира падна. – Пустинската девица или Песочната Венеција, како ја нарекуваат поранешната оаза со рушевини на антички град на караванскиот пат меѓу исток и запад, 200 километри од Дамаск, од пред десет дена е во рацете на екстремистите на т.н. Исламска држава Ирак и Сирија ИСИЛ, пишува хрватски „Т портал“
Владините трупи се повлекоа од тој сириски археолошки бисер, едно од најзначајните наоѓалишта на Средниот исток и некогаш популарна туристичка дестинација, на која и се заканува дивјачко уништување, веќе видено во древните градови на оваа опустошена земја. Еден од најдрагоцените примери на романската архитектура и урбано планирање, со локалните и персиските влијанија, го чека неизвесна судбина. Дали ќе се повторат призорите од седмиот век пред нашата ера?
Под заштита на УНЕСКО, Палмира е антички град во еден од најбогатите археолошки региони на светот, со остатоци кои датираат уште од времето на стара Месопотамија и е преполн со скапоцени артефакти, а тие одлично се продаваат. Секако, на црниот пазар. ИСИЛ очигледно смета на тоа дека ќе собере многу пари од археолошкиот еквивалент на јавното сечење на глави, како што во Бизнис Инсајдер го споредуваат ужасот и шокот на јавноста поради уништувањето и ограбувањето на светското културно наследство. Како крвавите дијаманти, сега крвавото археолошко богатство на Средниот исток го финансира тероризмот.
До крајот на 2013 година повеќе од 90 отсто од културното наследство на Сирија лежело во подрачјата на воените судири, препуштеном на уништување и ограбување, поради што Меѓународниот совет на музеи ја објави т.н. Итна црвена листа на сириските културни добра во опасност.
Уништувањето и ограбувањето имаат уште една цел: со пропагандни снимки на бришење на се што идеолошки не одговара на ИСИЛ-овото поимање на верата и светот да се привлечат регрути, а украденото богатство да добие дополнителна вредност на сметка на шокот. На колекционерите посебно им е привлечна скулптурата од загрозената Палмира или уништениот Мосул. За разлика од Ал Каеда, која се потпира на финансиери од надвор, ИСИЛ речиси во целост се финансира од сопствени средства, заработувајќи на криминални дејанија, од шверц на нафта до киднаперства и рекетирање, вклучувајќи збирање на данок од локалното население во окупираните региони, со обивање на нивните домови, како и продажба на украдено археолошко богатство. Ако се верува на податоците на американскиот Брукингс Доха Центар, кој се бави со социоекономски и геополитички прашања на исламскиот свет, ИСИЛ од јуни минатата година на тој начин дневно собира два милиона долари.
Според податоците на Волстрит Џорнал, минатата година од изнуда и принудни даноци во Ирак се собрале 600 милиони долари, од ирачките банки украле 500 милиони, 100 милиони добиле од окупираните нафтени извори, а 20 милиони од откупнина за киднапираните. Иако многумина сметаат дека главниот приход им доаѓа од окупираните сириски нафтени полиња, ирачките разузнавачи, пребарувајќи го домот на убиениот команданд на ИСИЛ, нашле 160 УСБ стикови со детални извештаи за финансиските трансакции поврзани со недозволена трговија на антиквитети. Само во сирискиот регион Ал Набук, западно од Дамас, екстремистите заработиле 36 милиони долари на шверц на украдени артефакти. Тоа го прават преку организирани шверцерски мрежи, пружајќи наводно стручни услуги на криминалците (и тука се користи аутсорсинг) или набивање на данок поради пренос на украдените артефакти преку нивната територија.
Како изгледа опустошениот регион, покажува случајот на локалитетот Мари. Споредувајќи ги неговите сателитски снимки пред окупацијата, кога теренот бил непипнато чист, со снимките осум месеци подоцна, сириските, европските и американските археолози изброиле 1.200 дупки. – Некои локалитети се избушетни како швајцарско сирење – коментираше за Њујоркер еден археолог.
Иако нема точна статистика за илегалната трговија на археолошкото богатство во светот, неодамнешно истражување во кое биле вклучени 14.500 теренски археолози, покажува дека криумчарите ги има барем во 103 земји, од гробниците на јужноамериканските Индијанци до храмовите во Камбоџа. Во регионите како западна Турција прекопани се 90 отсто од гробните јами од железното доба во потрага по накит и други артефакти. Во Пакистан се обиени и уништени над 50 отсто будистички храмови и свети места. Во Египет по избивањето на револуцијата во 2011 година, бројот на дупките оставени по илегално ископување на двата главни локалитети Ел Лишта и Ел Хиба, се зголеми за 500 отсто.
Сепак, кражбите во Ирак и Сирија се единствени по својата бруталност, вели членот на Меѓународниот совет за музеи, Франс Десмараис. ИСИС се најлоши, но никој во сирискиот судир не е со чисти раце, тврди Десмараис, потсетувајќи на древниот град Апамеја, во кој владината војска за дебела провизија дозволи ограбување по кое останаа 15.000 ископани јами. Тоа го правеше и радикалната исламска група Џабат ал Нусра, гранка на Ал Каеда која оперира во Сирија и Либан, како и други вооружени групи вклучени во сириските воени судири.
– Влегувајќи во територијата, ИСИЛ затекна таква состојба. Тој ја користи, забрзува и ја јакне, но не е почнато – тврди сирискиот археолог Амр ал Азим, кој со група студенти основа своја верзија на Одред за културно наследство (група американски војници во Втората светска војна, ангажирани на спасување на европското културно богатство од нацистите) да ја истражи и евидентира состојбата на теренот.
За разлика од првите ограбувачи во Ирак, кои рачно ископувале предмети, од ИСИЛ тоа го прават со булдожери и тешка опрема, ангажирајќи градежници, кои по крадењето зад себе оставаат целосно разрушени подрачја. Според некои извори, во Сирија за тоа се ангажираат и ирачки мајстори бидејќи претходно стекнале искуства во сопствената земја, а се сомнева дека во сето тоа учествуваат и археолози. На Викиликс протече американски воен документ од 2005 година, во кој е забележано тоа дека лице кое продавало на ирачките бунтовници ракетни фрлачи и тајно доставува оружје, бил всушност криумчар на антиквитети. Кружат и приказни дека на некои места оригиналните споменици и артефакти ги заменуваат со копии. Според една верзија, оригиналите биле тргнати на сигурно, додека со снимките како уништуваат копии сакале да предизвикаат шок, а според друга, оригиналите се наменети за продажба.
ИСИЛ работи со криумчарска мрежа раширена на целиот Среден исток. Стоката се префрлува во околните земји, посебно во деловите на Турција со мека граница, каде ја чекаат прекупци. Најдобро одат златни и сребрени кованици, мозаици, фигуринки, накит, печати, најмногу она што лесно се пренесува. Цените на црниот пазар варираат, а највисока цена постигна 7,6 сантиметри високата месопотамиска фигуричка на лав изработена од варовник, искачувајќи се на њујоршка аукција до 57 милиони долари. Стоката оди од еден до друг прекупец, објаснува сирискиот археолог Ал Азм, се додека не ја купи крупна риба, која може да чека некое време да стивне бурата и потоа да се испере, како што се перат и парите, а потоа се продава по астрономска цена. – Тоа е како архивско вино, што подолго се чува, цената му расте – вели Ал Азм.
Некои предмети наводно се нудени на eBay и продавани на онлајн црниот пазар Силк Роад. Кои се тие купувачи? Се знае, се претпоставува, бидејќи во светот расте бројот на богатите тајкуни, од САД и Јапонија до Русија и Кина.
– Спасувањето на Палмира е битка за човештвото, драматично порачуваат од сунитскиот Универзитет Ал Азхар, втор најстар универзитет во светот, потсетувајќи дека шеријатскиот закон забранува крадење и уништување на светското и културното богатство. Водителот на сирискиот Одред за културно наследство Ал Азм претходно упати отворено писмо до ОН, барајќи од Советот за безбедност да донесе меѓународна забрана за трговија со сириско археолошко богатство, а ја потпишаа 250 академици.
Советот го послуша барањето на Ал Азм, но такво нешто не направи американскиот Конгрес. Имено, републиканецот Крис Смит и демократот Елиот Енџел, предложија закон со кој во САД би се забранило внесување на криумчарени предмети од Сирија и други подрачја со конфликти на Средниот исток. Сепак, се остана на убав обид, бидејќи Конгресот не го изгласа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Трамп има право да бара соработка со Русија против ИСИЛ во Сирија
-
Лекари планирале терористички напад со антракс во Кенија
-
Голема акција: Ердоган ги предаде терористите – македонски државјани војувале во редовите на ИСИЛ
-
Светот во шок: Децата ѕверови на ИСИЛ безмилосно ги ликвидираат своите жртви (Фото)