| четврток, 6 декември 2018 |

„Меѓаши“: Да се воведе задолжително средно во воспитно-поправните институции

Во Извештајот што го презентираа на прес-конференција се наведени препораки со цел подобрување на остварувањето на правата на децата преку целосна имплементација на Конвенцијата за правата на детето

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска го претстави Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија, по повод Меѓународниот ден на борба против злоупотреба на детскиот труд – 12 јуни.

Во Извештајот што го презентираа на прес-конференција се наведени препораки со цел подобрување на остварувањето на правата на децата преку целосна имплементација на Конвенцијата за правата на детето.

Во делот остварување на правата на децата Роми во Извештајот се наведува дека најчести причини зошто не се запишуваат или оние кои се запишани ги отпишуваат се немање лична документација, социоекономска состојба на семејството, неодговорност на родителите, неинформираност, ниско ниво на свесност за значењето на образованието, како и преселба во европските земји.

Во Извештајот се препорачува во однос на образованието на децата со посебни потреби да се воспостави систем за евидентирање и следење на бројот на учениците, во училиштата да се применат стандарди за пристапност, да се комплетираат стручни училишни тимови со соодветни профили и да се надгради и зајакне знаењето на наставниците за работа со учениците со посебни потреби.
Се забележува дека во средните училишта организирањето на средношколците не е унифицирано и дека тоа се сретнува под различни називи. За остварување на правата на децата за здравствена заштита се препорачува унапредување на соработката меѓу институциите и здруженијата на граѓани заради поголем опфат на децата што не се имунизирани, интензивирање на соработката за активности од едукативен и информативен карактер за ХИВ и сида, како и за воведување сеопфатно сексуално образование во основните и средните училишта.

Се препорачува да се продолжи со спроведување на програмите што ќе поттикнуваат ексклузивно доење и поголемо вклучување на родителите на децата со посебни потреби во програмите за ран детски развој. Меѓу препораките за остварување на право на децата кои употребуваат дрога е да се воспостави систем за следење на нивната состојба, овозможување третман на зависност од дроги базирани на медицина на докази за сите деца, да се отворат центри за рехабилитација и ресоцијализација и програми за работа со семејствата кои имаат деца што употребуваат дроги.

За надминување на проблемот со малолетничката деликвенција потребни се подготовка и програми за спречување на оваа појава, зголемено присуство на полицијата во загрозените места, редовна посета во училиштата од полициски службеници и нивна соработка со педагошко психолошките служби, организирање јавни дебатги, работилници и обуки.

Извештајот наведува да се воведе задолжително средно образование во рамки на воспитно поправните институции.

За подобрување на работењето и севкупниот систем на поддршка на децата жртви на трговија во Извештајот се порачува превентивно работење со семејства кои претставуваат ризик фактор за лицето да стане жртва на трговија со луѓе, да се работи поинтензивно на откривање на експлоатацијата особено на трудовата, поголема поддршка на жртвите на трговија од страна на невладиниот скетор и заедницата за нивно поефикасно реинтегрирање во општеството како и да се пронајдат нови форми за згрижување и реинтеграција на жртвите.

Извештајот е подготвен во рамките на програмата „Градење на капацитетите на граѓанските организации за мониторинг на состојбата со правата на децата“ поддржан од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top