| четврток, 6 декември 2018 |

Понта: Еден ден ќе сфатите дека голема грешка е една влада да биде сменета од обвинител

понта

Романскиот премиер Виктор Понта се обрати денеска до пратениците од опозицијата велејќи им дека ќе дојде време кога ќе сфатат дека голема грешка е една влада да биде сменета од обвинител.

– Не ја обвинувам опозицијата за тоа што не е во состојба да ја собори владата и чека една друга власт или еден обвинител да го стори тоа наместо неа – рече Понта.

– Сакам да ви кажам едно нешто и стравувам дека ќе ме цитирате во иднина: Ако вие сметаме дека е добар преседан за демократијата во Романија една влада да биде сменета не во Парламентот или на избори, туку со волјата на еден обвинител, сметам дека тоа е нешто многу сериозно. Сметам дека тоа е голема грешка и оти ќе дојде време кога ќе се плати цената за тоа – рече Понта на седницата на двата дома на Парламентот, на која се разгледува барањето за гласање недоверба на Владата, поднесено од опозицијата.

На почетокот на месецот Понта беше обвинет од Националната дирекција за борба против корупцијата за учество во даночна измама, перење пари и судир на интереси и беше повикан од опозицијата и од претседателот Клаус Јоханис да поднесе оставка.

Премиерот ги отфрли тие барања и нагласи дека само Парламетот може да го острани од функцијата. На почетокот на неделата Претставничкиот дом го отфрли барањето на обвинителите за одземање на имунитетот на Понта.

Барањето за гласањето недоверба, насловено како „Виктор Понта – отстранет поради злоупотреба на власта преку блокирање на изборите. Правото на глас не е парола“ е потпишано од 183 пратеници. За да биде усвоено потребни се гласовите на 278 пратеник, односно половина плус еден од вкупниот број народни претставници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top