| четврток, 6 декември 2018 |

ММФ ги напушти преговорите со Грција, Атина на работ на банкрот

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд ги прекинале преговорите со грчките претставници во Брисел, откако овие не успеале да претстават остварлив план за реформи. Овој потег ја остава Атина, поради долгот од 1,6 милијарда евра што треба да го исплати до крајот на јуни, на работ на банкрот.

„Топката е во голема мера кај Грција“, изјави портпаролот на ММФ Гери Рајс за медиумите во текот на специјално најавениот прес, пред неговиот тим да се врати во Вашингтон. „Постојат големи разлики меѓу нас во повеќето клучни области. Во последно време не е постигнат никаков напредок во намалувањето на овие разлики.“

Бидејќи платите и пензиите сочинуваат 80 отсто од вкупната јавна потрошувачка, „не е можно Грција да ги постигне своите среднорочни фискални цели без реформи, а особено на пензиите.“ Рајс, исто така, ѝ рекол на Атина да го одбегне „неодржливото“ зголемување на даноците, но ја повикал да го собере својот постоен данок на додадена вредност.

Атина инсистира дека претставила план за реформи, додека нејзината делегација изјави дека сè уште верува дека „интензивираните преговори“ би можеле да произведат договор „во наредните денови“. Нејзините доверители ги отфрлија тие ветувања како нејасни и ја обвинија Грција дека „игра опасна игра, одејќи на работ на бездната“.

„Нема повеќе простор за коцкање; нема повеќе време за коцкање. Се плашам дека доаѓа денот кога некој ќе каже дека играта е завршена“, изјави Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, по претседавањето на самитот на ЕУ-Латинска Америка, кој мораше неколку пати да го напушти за да преговара со грчкиот премиер Алексис Ципрас. „Сега ни требаат одлуки, не преговори“.

„Ние работиме да обезбедиме договор што ќе осигури дека Грција ќе заздрави со социјална кохезија и одржливи јавни долгови“, рече Ципрас за медиумите по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, непосредно по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд.

Ципрас денеска требаше да ги продолжи разговорите со Јункер, но со оглед на најновиот ќорсокак, тоа сега може да се одложи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top