| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка предвидува пораст на македонската економија од 3,5 проценти

sb

Македонската економија годинава според најновите проекции на Светска банка ќе има пораст од 3,5 проценти, следната 3,8, а во 2017 година ќе достигне 4 отсто.

Според податоците на најновиот извештај „Глобални економски перспективи“, македонската економија ќе има најголем пораст од земјите во регионот.

Порастот на БДП во Албанија е проектиран на 3 проценти за годинава, на 3,5 отсто следната и на 2 отсто во 2017 година, во БиХ порастот се предвидува да изнесува 2 отсто годинава, 2,3 отсто наредната и 2,9 проценти во 2017 година. Во Бугарија за годинава е проектиран пораст од 1,1 отсто, догодина 2 и во 2017 година е 2,7 отсто. Косово се предвидува да има пораст од 3 отсто на БДП годинава, 3,5 следната година и 3,7 отсто во 2017 година, Црна Гора годинава ќе има пораст од 3,4 отсто и 2,9 отсто следните две години и Хрватска годинава ќе има пораст од 0,5 отсто, 1,2 отсто во 2016 и 1,6 отсто во 2017 година. Србија ќе биде единствена земја во регионот на која и се предвидува пад од 0,5 отсто за годинава и пораст од 1,5 отсто следната и 2 отсто во 2017 година.

Во Извештајот за Македонија се наведува дека таа во изминатите години покажа подобри економски перформанси од соседите, благодарение на директните странски инвестиции во слободните економски зони и стимулациите од државата. Се укажува дека зголемениот јавен долг  ќе го ограничи просторот за фискална поддршка на економскиот раст и дека банкарските системи на сите земји во регионот вклучувајќи ја и Македонија остануваат ранливи поради можното негативно влијание од кризата на грчките банки кои имаат свои удел во банките во државите од регионот.

Извештајот посочува дека во речиси сите земји од регионот вклучувајќи ја и Македонија, ниските цени на нафтата придонесоа за намалување на стапката на инфлација и подобрување на дефицитот на тековната сметка, што влијае на олабавување на монетарната политика. Ниските цени, според Светска банка, придонесуваат и за дефлаторни притисоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top