Двајца повозрасни граѓани утрово физички се пресметаа во автобусот со број 24, кој се обраќа од Тафталиџе кон Кисела Вода, јавува радио МОФ.
Новинарката на радио МОФ, која случајно се затекнала во автобусот, сведочеше на тепачката меѓу пензионерите, кои со боксови се пресметаа поради тоа што едниот го подбутнал другиот во намера да влезе прв во автобусот.
Тепачката се случи на автобуската станица кај Зелено пазарче и во неа се замешаа и неколку помлади момчиња, кои ги разделија пензионерите и им се заканија да се смират за да не се вклучат и тие во тепачката.
Вторник и петок, деновите кога е бесплатен превозот за пензионерите, станаа вистински кошмар за одење на работа, велат граѓаните. Турканиците, буткањата и некултурното однесување кое го демонстрираат дел од граѓаните, за редовните корисници на градскиот превоз стануваат секојдневие.
„Понекогаш автобусот не може да тргне од станицата затоа што е преполн со луѓе. Ова е хао,с а не е безбедно ни за сообраќајот во автобус кој собира 50-тина луѓе да се буткаат да влезат 150 луѓе“, вели една револтирана патничка за радио МОФ.
Од ЈСП велат дека тие немаат друг начин да се справат со турканиците во автобусите, освен да пуштат дополнителни линии.
– Ние кога ќе видиме дека има метеж, пуштаме дополнителни автобуси. Друго не можеме ништо да направиме, не можеме на никого да му кажеме колку пати да се вози во вторник и во петок – вели портпаролката на ЈСП, Билјана Јанкуловска, за радио МОФ.
Советот на Град Скопје пред две години донесе одлука мажите со навршени 64 години и жените со 62 години да се возат бесплатно секој вторник и петок доколку се идентификуваат кај возачот на автобусот со лична карта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.