Владејачката турска Партија на правдата и развојот (АКП) ќе ги искористи сите можности во обид да формира нова влада пред да ја земе предвид идејата за нови вонредни избори, изјави вчера турскиот премиер и лидер на партијата Ахмет Давутоглу.
Давутоглу во интервју за турската телевизија ТРТ изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, основач на АКП, нема да учествува во коалициските преговори, туку единствено ќе интервенира во случај на криза.
– Претседателот Ердоган не е вклучен во коалициските преговори, но ќе се вклучи доколку е потребна помош и надминување на застојот. Доколку секој ги исполни своите должности и одговорности во согласност со уставните гранции, на виделина ќе излезе културата на помирување – рече Давутоглу.
Турските опозициски сили го обвинуваат Ердоган, кој ја формираше АКП пред повеќе од една деценија и кој и натаму е доминанта фигура во партијата, дека продолжува да се меша во меѓупартиските односи и покрај уставната забрана според која на претседателот на Турција не му е дозволено да учествува во политичка партија.
Владејачката АКП го загуби мнозинството на изборите одржани во неделата, што се смета за силен удар за Ердоган и неговата партија втемелена на исламост, која е на власт веќе 13 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



