Првиот авион на нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ со 133 патници од Лондон попладнево слета на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Станува збор за авиолинија субвенционирана од Општина Охрид и Владата на Република Македонија, преку евтини авионски билети да се привлечат туристи од Велика Британија.
Зоран Крстевски, директор на „ТАВ Македонија“ компанија што стопанисува со аеродромите во Македонија, изрази уверување дека редовната линија за Лондон ќе значи проширување на охридската и македонската туристичка понуда пред големиот британски пазар, со оглед дека што Англичаните важат за туристичка нација што сака да освојува нови дестинации.
– Добро е што се работи за линија на нискобуџетска компанија што ќе нуди поевтини билети. Ова нема да биде само прилика со поевтини билети да патуваат луѓе во двете насоки, туку и добра можност за бизнис-заедницата да воспостави бизнис-релации, имајќи ја предвид слободната економска зона што се наоѓа во непосредна близина на аеродромот, рече Крстевски и додаде дека оваа линија ќе биде атрактивна и за патниците од соседните земји, особено за Албанија.
Добредојде на првите патници од Лондон им посака и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Тој изрази уверување дека пријатниот престој во Охрид ќе ги натера гостите од Велика Британија повторно да дојдат во Македонија, но и оти своите позитивни искуства ќе ги пренесат на нивните блиски.
Градоначалникот на Охрид за медиумите изјави дека оваа авио-линија претставува реализација на ветеното, во насока на активностите што ги споведува локалната самоуправа и Владата за развојот на туризмот во земјата, но и можност за развој на локалната економија.
Согласно договорот со „Визер“, предвидено е на дестинацијата Лондон седмично да летаат два авиони, до средината на септември, при што се очекува на охридскиот аеродром оваа сезона да пристигнат околу 2.500 патници. Според договорот за субвениционирање авиолетови, наредната година летовите за Лондон ќе стартуваат од 15 мај до 31 декември, во кој период авиокомпанијата е предвидено да донесе седум илјади патници. Во текот на цела 2017 година предвидено е да се донесат 12 илјади патници и во првата половина на 2018 остануваат уште четири илјади патници.
– Во координација со Владата ќе биде финансирана уште една авиолинија на релација Охрид – Базел, што ќе стартува од 1 јули и ќе биде субвенционирана наредните три години. Се надеваме дека тука нема да застанеме, туку напорно ќе работиме со „ТАВ“ и сите субјекти да зголемување на фреквенцијата на летови кон охридскиот аеродром, со очекувања Охрид да достигне авиосообраќај како во најдобрите времиња, а тоа секако ќе значи придонес и за развојот на туризмот и на локалната економија, истакна Бакрачески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.