Се намалува невработеноста во Македонија. Државниот завод за статистика во првото тримесечје годинава регистрира стапка на невработеност од 27,3. Овој процент го покажува континуираниот тренд на пад на невработеноста што е резултат на владини мерки, странски инвестиции, поволна бизнис клима. За разлика од времето на СДСМ кога невработеноста беше 38 отсто, сега таа е 27,3 отсто. Статистичките податоци покажуваат дека имаме континуитет во намалување на невработеноста и покрај светската економска криза, европската должничка криза и мини кризата во еврозоната од лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2015 година активното население во Република Македонија брои 959 388 лица од кои вработени се 697 248, а 262 140 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 57.3, стапката на вработеност е 41.6, додека стапката на невработеност е 27.3.
Најновите бројки за стапката на невработеност покажуваат дека имаме намалување на невработеноста за 0.3 процентни поени во однос на последниот квартал од минатата година. Имено стапката на невработеност во првиот квартал од 2015 изнесува 27,3 отсто и во однос на четвртиот квартал од 2014 година, кога беше 27,6 отсто е намалена за 0,3 процентни поени, додека во однос на првиот квартал од минатата година (28,4 отсто) е намалена за 1,1 процентен поен.
Бројот на невработени во првиот квартал од 2015 изнесува 262.140 и во однос на четвртиот квартал од 2014 година е намален за 3230 лица (односно 1,2 отсто). Во однос на првиот квартал од 2014 бројот на невработени е намален за 9.975 лица односно за 3,7 отсто.
Стапката на вработеност пак во првиот квартал од 2015 година изнесува 41,6 отсто и во однос на последниот квартал од 2014 година (41,5 отсто) е зголемена за 0,1 процентни поени, додека во однос на првиот квартал од 2014 (41,0 отсто) е зголемена за 0,6 процентни поени. Бројот на вработени во првиот квартал од 2015 година изнесува 697.248. Во однос на првиот квартал од 2014 бројот на вработени е зголемен за 10.971 лица односно за 1,6 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.