| четврток, 6 декември 2018 |

Истражување: Македонците меѓу најомилените кај младите Срби

mladi tinejdzeri srednoskolci
Русите, Македонците и Црногорците се најдобро прифатени националности меѓу матурантите во средните училишта во Србија, покажало истражувањето на српскиот Завод за проучување на културниот развиток. Младите Срби, според истражувањето, најголема нетрпеливост чувствуваат во однос на Албанците, Ромите и Хрватите.
Нетрпеливоста е најмалку изразена кај матурантите од Војводина, а најмногу во регионот на Белград. Главно, анкетираните немаат против нивниот сосед, пријател или школски другар да биде од друга националност, но не би сакале некој што не е Србин да им биде наставник или да биде водечки политичар во земјата.
Истражувањето одговорило и на прашањето кои се идолите на младата генерација Срби. На прво место се естрадните личности (домашни и странски музичари, актери и манекенки) и спортистите, но младите сѐ почесто како пример за себе ги гледаат и членовите на своето семејство, пријателите и омилените професори, поради што истражувачите заклучуваат дека да се биде популарен и моќен повеќе не се смета за најатрактивна особина.
На листата најценети јавни личности младите од Србија се определиле за музичарите Бора Ѓорѓевиќ (екс – Риблја Чорба) и Јелена Карлеуша, за политичарите (или со нив асоцираните ликови) Ивица Дачиќ, Гадафи, Путин, Тито, Милорад Улемек Легија, како и за уметниците (книжевници и сликари) Ернест Хемингвеј, Пол Гоген и Агата Кристи. Со истражувањето биле опфатени 1.733 ученици од четврта година во средните училишта од 25 града во Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top