| четврток, 6 декември 2018 |

Јолевски: Македонија заслужува што побрзо да стане полноправен член на Алијансата

јолевски
За Република Македонија е значајно група интелектуалци кои имале високи позиции во американското и европското општество, луѓе кои се вистински пријатели на нашата држава, да седнат на исто место и да поразговараат за стратегијата што дополнително треба да се направи со цел да го заземеме заслуженото место во НАТО-алијансата.Ова денеска го изјавил министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на дводневниот неформален форум во Берово на кој учество земаат поранешни министри за одбрана, членови на Парламентот и високи претставници на тинк-тенк заедницата во САД, соопшти Министерството за одбрана.Во однос на одржувањето на следниот самит на Алијансата во Полска, идната година, до кога треба да се искористат сите инструменти за да се постигне најдобар резултат на патот кон нашето полноправно членство, министерот Јолевски посочил дека треба да се работи на постојано привлекување на пријатели на Македонија кои ќе бидат и моќен глас зошто нашата држава треба да биде дел од НАТО.

Министерот истакнал дека нашите мировници кои се едни од најдобрите амбасадори, покажуваат дека Македонија е одговорен член и партнер на меѓународната заедница во носењето на мир, демократија и стабилност во светот.

Сели Пеинтер, аналитичар и истакната личност од американската тинк-тенк заедница нагласил дека Македонија ги има исполнето сите критериуми согласно Акцискиот план за членство и дека треба да ги притиснат сојузници да го направат она вистинското, односно да ја примат Македонија како полноправен член во НАТО.

Лук Кофи од Американската „Херитиџ Фондација“ посочил дека Македонија мора да продолжи на патот на партиципација и интензивен контакт со НАТО- алијансата.

– Македонија носи голем бенефит кон глобалната сигурност, но не ги ужива бенефитите од членство во Алијансата. Им порачувам на македонските граѓани, иако е тешко, да бидат трпеливи. Ако имате еден член на НАТО кој не го цени тоа што го правите, има 27 земји членки кои тоа вистински го ценат – нагласил Кофи.

Тој високо ги оценил и реформските зафати во одбраната, особено во контекст на воената едукација и образование кои повеќе ја доближуваат Македонија до Алијансата.

На неформалниот форум во Берово меѓу другите учествувале и поранешниот министер за одбрана и сегашен член на Парламентот на Обединетото Кралство, Лиам Фокс, американскиот генерал Бен Фрикли и други, кои разговарале за евроаталнтските интеграции на Македонија, геополитичките промени и предизвици, регионот на Југоисточна Европа и позицијата на Република Македонија во него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top