| четврток, 6 декември 2018 |

Хан и Заниер разговарале за брзо надминување на политичката криза во Македонија

заниер
Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, и комесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со загриженост ги анализирале состојбите во Македонија и разговарале за следните чекори потребни за брзо надминување на актуелните политички тензии, се наведува во денешното соопштение на ОБСЕ.Заниер на средбата, што според ОБСЕ се одржала во саботата на 6 јуни, му се заблагодарил на Хан за неговата улога во дијалогот помеѓу партиите под посредство на ЕУ.

– Од суштинско значење е сите политички партии на конструктивен и транспарентен начин да останат ангажирани и посветени на започнатиот дијалог, рекол генералниот секретар на ОБСЕ, кој изразил надеж дека на следниот состанок во Брисел во среда страните ќе дојдат до решение за останатите точки.

Заниер и Хан се согласија дека одржувањето на предвремени избори до април 2016 година, како што беше договорено минатата недела од страна на лидерите на земјата, ќе биде важен чекор кон нормализација на состојбата, се наведува во соопштението.

– Слободни и фер избори се од витално значење за зацврстување на демократските процеси во земјата. Очекувам дека Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) повторно ќе биде вклучена со полн капацитет во набљудување на изборите, особено во овој клучен период- рече Заниер.

Според соопштението, генералниот секретар на ОБСЕ истакнал дека конечниот извештај на ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори во 2014 година посочил на голем број недостатоци и подвлекол дека е потребно надлежните институции во земјата целосно и итно да ги спроведат препораките на ОДИХР за изборниот процес.

– Политичките лидери демонстрираа подготвеност за решавање на отворените прашања, а јас ги охрабрувам да дојдат до договор за надминување на актуелната криза- изјави Заниер поздравувајќи го прелиминарниот договор постигнат од страна на политичките партии на 2 јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top