Уште девет изведувачи во втората полуфинална вечер на „Макфест“ се пласираа во финалето на фестивалот, кое ќе се одржи вечерва. Со деветмината финалисти од средата, бројот на изведувачи за вечер се комплетираше.
За тоа кој оди понатаму решаваше стручно жири, чиишто гласови изнесуваа 70 проценти од вкупните поени и публиката, чиишто телефонски гласови изнесуваа 30 проценти од вкупните поени за изведувачите.
Новите финалисти се Бојана Атанасовска, Зоран Илиев, Панче Илиев и Илија Кикиритков, Ивона Јовановиќ и „Рафинерија“, Горан Наумовски, Александра Андонова, Наде Талевска, Наташа Малинкова и Дарко Илиевски, кои им се придружуваат на вчерашните Маја Вукиќевиќ, Евгенија Чанчалова, Огнен Здравковски, Игор Митровиќ, Јоце Панов и Зуица Лазова, Ѓоко Танески, Александра Кукушева, Виктор Апостоловски и Верица Пандиловска.
Наградниот фонд за годинешното јубилејно 30. издание на фестивалот на забавни мелодии изнесува речиси 30 илјади евра.
Првата награда на „Макфест“ носи 10.000 евра, втората 7.500 евра и третата награда е во износ од 5.000 евра. Награда ќе биде доделена и за најдобра вокална изведба во износ од 1.000 евра, потоа наградата „Драган Ѓаконовски – Шпато“ во износ од 1.000 евра, која ќе му се додели на најдобриот аранжер во согласност одлука донесена од страна на стручна комисија.
Ќе има и награда за најдобар дебитант во износ од 1.000 евра, за најдобар сценски настап исто така во износ од 1.000 евра, како и признание за најслушана композиција меѓу два фестивала, која ќе ја додели „Радио Слободна Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




