По речиси еден месец од изборот на Петар Наумоски за претседател на Македонската кошаркарска федерација и по само две недели од назначувањето на Дејан Јовановски за генерален секретар, „пукна тиквата“.
Вчерашните најави за заминување на генералниот секретар на МКФ, Дејан Јовановски, по само околу две недели откако беше назначен на оваа функција, денеска и официјално се потврдени од самиот Јовановски, кој вели дека се повлекува поради лични причини.
– Ве информирам дека од лични причини се повлекувам од функцијата генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација. На претседателот на МКФ и на Управниот одбор им се заблагодарувам за дадената доверба и обезбедените услови за работа, а воедно им посакувам успешна работа во насока на развој на македонската кошарка и достојно презентирање на националните селекции во меѓународни рамки – се вели во официјалната оставка од Јовановски испратена до претседателот на МКФ, Управниот одбор, дружението на сениорски лиги, Здружението на младински лиги, Комисиите при МКФ, како и до медиумите.
Сепак, повеќе од јасно е дека Јовановски си заминува поради несогласувањата со дел од раководството на федерацијата околу насоките по кои треба да се движи македонската кошарка. Од МКФ заминува и директорот на репрезентацијата Илија Мерџановски, кој долги години беше дел од федерацијата која ги направи најголемите успеси на македонската репрезентација и историското четврто место на ЕП 2011 во Литванија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.