Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан денеска по средбата со партиските лидери во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје изјави дека на пат е постигнување договор за решавање на политичката криза во земјава и најави нова средба за конечен договор следната недела во Брисел. Договорено е предвремени парламентарни избори да бидат одржани до крајот на април следната година.
– Имавме многу контруктивни и интензивни преговори со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. Уште еднаш ја потврдивме евроатланската перспектива на земјата. Важно е да се надмине актуелната криза со цел да се задржи евроатланската перспектива жива, изјави Хан.
Еврокомесарот посочи оти е јасно дека се работи за продолжување на препораката за почеток на преговори со ЕУ, но дека пред тоа важно е да се надмине актуелната политичка ситуација и оти мора да се работи во духот на соработката и потребните политички компромиси за да се направи, како што рече, потребниот баланс меѓу различните групи во општеството.
– Затоа се договоривме за еден вид транзициски период. Беше договорено до крајот на април следната година да има предвремени избори. Важно е земјата да се подготви, изјави Хан.
Според него, договорено е да се направи, како што рече, солиден Изборен законик, проверка на Избирачкиот список, почитување на правата на заедниците…
– Понатаму ќе треба исто така да се прифатат сите препораки од извештаите на ЕУ за независност на судството. Беше договорено да се примени методологија која вообичаено ја користиме за преговори за поглавјата 23 и 24, а се работи за владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите. Се ова ќе биде спроведено за натамошна модернизација на земјата, изјави Хан.
Еврокомесарот рече дека и амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав кои се приклучија на разговорите, го поддржале денеска постигнатиот договор.
– Меѓународна заедница има одговорност и обврска и затоа сум благодарен што амабасадорот на САД и ЕУ го поддржаа постигнувањето на договор денеска, рече Хан.
За следната недела најави нова средба во Брисел на која треба да се постигне конечниот договор за излез на земјата од политичката криза.
– Ќе се видиме уште еднаш следната недела во Брисел за да го постигнеме конечниот договор што ќе и овозможи на земјата да оди напред и да ја искористи актуелната криза за модернизација, изјави Хан.
Очекува од политичките партии фер и сериозен натпревар, зајакнување на политичката култура која ќе ги следи европските стандарди. На оваа ситуација во земјата, според еврокомесарот Хан, треба да се гледа и како на шанса и можност.
Средбата на еврокомесарот Хан со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Груевски и Заев, на која подоцна се приклучија и првите луѓе на ДУИ и на ДПА започна во 9 часот утрово и се одржуваше во резиденцијата на Европската унија. На лидерите подоцна попладнево им се придружи и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.