Единаесет колапси за 24 часа. Скопјани испопаѓаа од топлото време на кое му претходеше ниска температура. Екипи на брза помош интервенирале кај граѓани, кои се онесвестиле додека чекале во банка, некои во пошта а има и такви што поради горештините паднале на улица. Најголем број од нив се хронични пациенти и постари од 60 години.
-Времето си го прави своето. Има многу со низок крвен притисок, што, најверојатно, е причина за колапсите. Станува збор за граѓани што веќе си имаат претходни болести и затоа мора да внимаваат во периодот на излегување. Нема потреба тоа да биде во најтоплиот период на денот. Доколку е неопходно, тогаш граѓаните мора да бидат заштитени со капа, очила, светла облека и, секако, да пијат многу течности – вели Анита Димоска, раководителка на Брза помош Скопје
Екипите работат турбо и овој период во Брза помош бележат зголемување на бројот на повици. Ако стандардно имаат по 100, овие два дена имаат од 120 до 130 јавувања од пациенти.
-Има зголемување и најмногу се пациенти поради кардиоваскуларни и респираторни проблеми – вели Димоска
Променливото време е причина и за епилептични напади на јавни места. Овие два дена биле регистрирани седум вакви случаи, меѓу кои има и деца.
Во текот на вчерашниот ден имало и четири интервенции кај пациенти со мозочен удар и еден со инфаркт. Од Брза помош велат бројката не е голема во споредба со истиот период лани. Но мора да се внимава, порачуваат лекарите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.