| четврток, 6 декември 2018 |

Драма во Лондон, 20-месечниот Виктор се заклучил, а потоа сам ги најде резервните клучеви и се спаси

Виктор Трајков, кој со семејството живее во југоисточниот дел на Лондон успеал да се заклучи од внатре, сам во куќата, додека мајка му на кратко излегла да фрли ѓубре и потоа да ги пронајде резервните клучеви, да ги стави под вратата и драмата на крај да добие среќен крај, а тој да биде херој во целата приказна

Виктор Трајков е дваесет месечно дете кое се уште не зборува, но затоа пак е херој кој успеа сам да се спаси од невољата во која се најде.

Вистинска драма се случувала во југоисточниот дел на Лондон, каде што живее малиот Вико со мајка му Катерина и татко му Никола. Вико вчераутрото, не сакајќи, се заклучил во куќата во која живее и потоа практично успеал сам да се спаси и по 20 минути да биде повторно во прегратките на мама Кети.

Утрото тој и мајка му биле излезени надвор. На враќање дома кога влегле во куќата, мајка му се вратила неколку чекори назад да фрли ѓубре, додека тој побрзал да ја затвори вратата. Слушајќи го гласното “клик” на Кети и се срушил цел свет пред очи. Вико заклучен внатре сам во куќата, а нема ни две години! Во куќата останале заклучени и клучот и телефонот во чантата што ја имала оставено. На Никола бројот не го знаела на памет, и прво нешто што и текнало е да се обиде да го исконтактира на скајп.

viko
– Веднаш тропнав на вратата кај сосетката Кејт која што живее над нас. Ја замолив да се послужам со нејзиниот компјутер за да го исконтактирам Никола и да му кажам да дојде дома да отклучиме со неговиот клуч. Секундите се чинеа вечност додека чекав да се вклучи компјутерот, па да данлодирам скајп, па да го инсталирам, да се логирам… И додека јас го правев тоа, Кејт се симна пред нашата врата да му прави друштво на Вико. Слушав како нежно му зборува, да го смири – раскажува Кети.

И додека нејзе и се вртеле милион мисли низ главата како да го спаси Вико и како да ја отвори вратата, малиот Виктор кој уште не ни зборува, ја разбрал сосетката Кејт што му говорела.

– Додека јас веќе помислував да се јавам во пожаринарската бригада за да го спасат Вико, тој успеал да го најде резервниот клуч кој го чуваме во кујна, на една наткасна и да ја послуша Кејт и да го пикне под вратата – ја пренесува Кети потресната случка.

– Во еден момент таа успеа да ги протне нејзините прсти под вратата и тој да и ги подаде клучевите. Трчајќи, се симнав долу и видов како таа ја отклучува вратата со резервните клучеви. Виктор стоеше пред вратата, го грабнав и го чував во прегратка 20 минути. Не сакаше да ме пушти. Тој е мојот голем херој денес. Моето мало момче… – ја заврши Кети приказната која има среќен крај.

Вико, Кети и Никола се Македонци кои повеќе од две години живеат во Лондон. Никола е драматург по професија, кој во Лондон заврши и постдипломски студии, а Кети е магистер по медиуми, култура и комуникации на Универзитетот во Лондон. Вико, херојот во нашата приказна е роден лондончанец, роден на Илинден, на 2 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top