Американскиот државен секретар Џон Кери стигна со воен авион од Швајцарија во САД и беше примен во болница во Бостон во сојузната држава Масачусетс, каде што беше подложен на операција поради скршеница на десната нога, соопшти Стејт департментот.
Кери падна од велосипед и се здоби со скршеница на бутната коска во неделата во Франција, на границата со Швајцарија. Тој ја мина ноќта под лекарско набљудување во швајцарска клиника, по што отпатува за САД. Стејт департментот нагласи дека Кери мошне брзо ќе закрепне. Тој во неделата и понеделникот телефонски разговарал со претседателот Барак Обама и со министрите за надворешни работи на Франција, Шпанија и Ирак.
– Вниманието на државниот секретар во јуни ќе биде насочено кон преговорите со Иран – изјави портпаролот на Стејт департментот, Мари Харф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.