| четврток, 6 декември 2018 |

Човек во црно, со панцир и оружје се заканувал кај Смилковско Езеро

Двајца сведоци, кои на денот на убиството биле кај Смилковското Езеро, во денешното продолжение од судењето за случајот „Монструм“, изјавија дека кога си заминувале дома од риболовење на езерото, биле пресретнати од вооружен маж, кој им рекол веднаш да заминат од таму и им се заканил со оружје.

Ахмет Бекир, кој заедно со уште тројца рибари ловел риби
на денот на убиството, во исказот пред судот рече дека на денот на убиството ги видел момчињата и дека од него побарале леб за да ловат риби.

Кога почнало да се стемнува, како што рече Бекир во сведочењето, заедно со другите тројца што биле со него, тргнале накај дома, додека оделе по земјениот пат, се појавил маж облечен во црно, со панцир и со пушка во рацете, кој ги прашал како се викаат и им рекол да бегаат, со закана дека ќе ги убие ако не го сторат тоа. Сведокот рече дека не може да се сети на ликот на човекот кој им се заканувал – било темно, не можел убаво да го види

Сведочеше и Кемал Несим, кој, исто така, бил кај езерото на денот кога се случило убиството. Тој изјави дека додека заедно со другите бегале накај дома, во страв од човекот кој им се заканувал, слушнале звук на истрели откај езерото, но не можеше да се сети дали биле рафални или поединечни. Во неговото сведочење тој рече дека зад човекот кој им се заканувал забележал и други луѓе во црна облека и темен, паркиран автомобил, со вклучени светла, насочени кон езерото.

Нивните сведочења, според адвокатите на одбраната, се контрадикторни и спротивни на на исказите што двајцата сведоци ги дале пред истражниот судија. Адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, изјави дека очекувал такви изјави. Најважно, според одбраната, е што ниту едниот ниту другиот сведок не посочиле ниту еден од обвинетите како вооружениот човек кој им се заканувал или како некој од луѓето што ги забележал вториот сведок зад него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top